Ако јас сум прашање, измисли одговор..
Ако те праша.. А, ќе те прашува. Многу ќе прашува со прашален сјај во очите. Не е тој јас, ќе се интересира. Злато, нема да жалиш никогаш.
Ако те праша зошто таа песна ја пееш со горка сласт на усните, потисни го под забите мојот лик, проголтај ме, излажи. Речи дека ти е омилена. Не кажувај зошто. Речи му дека на него те потсеќа. Речи дека со таа песна ти влегол во срцето.
Ако те праша од каде тој сјај во очите додека тивко стиховите ги шепотиш, прегрни го. Тивко за мене заплачи и речи му дека си среќна со него. Тогаш и за мене насмевни се. За мене и за оние што ме љубат, бидејќи ти никогаш не беше дел од нив. Повторувај си дека ме мразиш. Навидум и треба. Јас сум тој кој се лажеше дека никогаш нема срцето да ми го кочат тие твои зелени очи. Те слушав, во далечини како објаснуваш, со рацете мавташ, со гласот ги сопираш другите да зборуваат. Грутка во грлото ми застануваше. И, ќе се појавев. Како гром од ведро небо, како цвеќенце кое од под снегот подига глава. Јас сакав да те галам нежно, стравови да ти скротувам. Ама, не. Јас не сум таков човек. Додека тебе те гледав, заборавав дека друга чека на мене. Заборавав дека на друго место ветувања сум оставал. Тогаш сакав да ме нема. Едноставно да ме проголта таа земја по која без тебе мора да газам. Тогаш. знаев дека ќе бидам идиот. Кретен. Заеби, наречи ме како сакаш, бидејќи подобро да одиграм на можев. Ќе кажев два-три збора, чисто да те повредам. Да ја симнам таа насмевка од твоето лице, да направам да ме мразиш. Да ме презираш. Те проколнував. Те проколнував бидејќи знаев дека ме сакаш. Те мразев бидејќи од сите други во погрешен човек се заљуби. Бидејќи толку добра, лошо ти правев. Научив што те нервира. Научив инат твој да терам. Сакав само да ме заборавиш. Само ниско во твоите очи да паднам. Зборував за девојки. За многу други девојки. За сите тие девојки кои ги имав и немав. Ниедна од нив не беше ти. Ниеднаш не те спомнав. Усните ги прегризував. Со други девојки зборував. Со тебе само два-три збора низ заби. Само едно искрено како си, и поглед сокриен полн каење. Така додека еден спроти друг седевме, знаев да те гушнам пријателски и совет или два да промрморам.
Чувај го. Ако некогаш те праша зашто си тажна, насмевни се и речи дека не можеш без него. Името мое заборави го. Напиши го. На тие проклети листови, напиши го. Потоа запали го. Изгори го со чадот на тие проклети цигари. Заедно нека догорат. Нека гори. Нека исчезне. Нека остане само допирот. Само зборовите неискажани. Нека остане само измама и заблуда. Само девојка која срцето ми го запира. Пријателка со која само се гледаме. Ако те праша некогаш за мене, речи му деке се знаеме. Речи му дека те нервирам, дека никогаш навреме не доаѓам. Речи му дека сум ти другар од средно. Зборувај му со занес дека никогаш не ти возвратив за петките по математика. Кажи му дека некогаш другарки си ми местела. Дека девојка ми сум ја изневерувал. Раскажувај му. Речи му дека многу ме сакаш, низ шала, и прикриј ги солзите. Потоа, насмевни се, како со години да се знаеме. Потруди се да изгледа така!
-Кристина Цонкинска, 2016
Comments
Post a Comment