Достојна за убавина, недостоен за љубов

Види ја, ладнокрвен фраеру. Сите сега се вртат по неа, а таа гордо со крената глава чекори по улицата оставајќи ги без здив половина од претставниците на машкиот пол. Сега сврти се и само погледни ја. Што? Не ти го возврати погледот? Не ни очекувај да го направи тоа. А сега застанува и ја мести долгата коса веќе разбушавена од ветерот. Не застана за да те види тебе, ниту да се заинтересира што правиш и со кого си. Повторно ја крева главата, високите потпетици веќе ја издигнуваат многу над тебе, а таа само го продолжува својот чекор толку бездушно не забележувајќи те. Веќе ја премина границата на твојот од, и сега ја развлекува својата насмевка која дава акцент на неизмерната гордост што ја чувствува. Се чудиш, нели? Очекуваш додека толку самоуверено се оддалечува да не издржи и тајно да ти упати поглед низ немирните прамени коса. Но, ти си толку невидлив. Се насочува кон нови луѓе, нови личности, нови поглавја од нејзиниот живот. Блеска повеќе од било кога создавајќи сјај низ толпата луѓе кои несвесно се поместуваат правејќи и место да помине џарејќи се во нејзината убавина. Како некоја цигла да те удира во мозокот, твоите зборови како бумеранг ти одѕвонуваат и сега мораш да посегнеш по уште едно ново пиво чувствувајќи тапа болка која насетува бескрајна пониженост. Ама издржи. Таа не ти значи нели? Не ти значеше никогаш. Нејзините постапки ти беа само клише кое не сакаше да се повторува. Сега е време за нова приказна. За нов филм во кој таа е сопствен режисер. Со насмевки за нови љубови, со нови погледи и нови искуства. А сега тргни го погледот од неа, заврти го грбот, многу добро знаеш да го правиш тоа, свесна е, бидејќи предоцна ќе биде за да те сослуша. Остави ја нека љуби друг кој и дарува топли зборови, достоинство и почит. Ти не си вреден, не заборавај. Да би имал некоја вредност во нејзините очи, не би бил отфрлен толку ниско. И запамети, ти си недостоен за љубов.


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..