За една љубов
Ги затворам очите најмил мој, дозволувајќи сеќавањата да ме внесат на своите крилја на занесот, да ме присетат на оној страв кој ти толку немилосрдно го победи од мене и ме натера да ти се препуштам толку целосно, толку безусловно, толку засекогаш. Бев само дете, преплашена од изливот на искушението што ме тераше да се откажам од борбата со себеси и да зачекорам кон прагот на твоите усни дозволувајќи да ме понесат во еден свет, кој подоцна ќе се преточи во границите на твоите очи. Не си свесен колкав износ на доверба ми посочи уште од првиот ден кога ја видов онаа потајна решителност во твојот поглед, закана за сите други кои се обидуваат да ме земат од тебе, и цврст став со кој не би дозволил да се лизнам од твоите раце по никаква игра на случајноста. Откако ти се појави, во мојот живот настана пресврт каков што никогаш можеби и не очекував, сфатив колку е прекрасно задоволството некому да му припаѓаш во буквална смисла, да имаш иднина видно скроена од рацете на судбината и отпорна на сите непожелни влијанија. Не бев свесна како ти ќе станеш моето утро, мојот ден, мојата вечер и ноќ, секој мој период од животот, секоја секунда и секој здив што го примам. Твоите јаглени крајчиња на очите и насмевката која ти ги збрчкува образите секој пат кога ми приоѓаш, ме понесуваат до лудило и сеуште треперам при самата помисла колку ме правиш среќна, колку од ден на ден се повеќе ме убедуваш дека со тебе би било малку да го поминам и целиот живот. Помина долго време, нашиот брод на љубовта пловеше низ немирни мориња, пакосни бранови на околината, остануваше без едра, празен, скршен, разнишан од ветерот.. Но нашата сила е во тоа што никогаш не дозволивме да потоне. Никогаш не се предадовме над злобните канџи на реалноста, само испреплетувајќи ги моите прсти низ твоите чекоревме цврсто низ патеката која самите ја создадовме. Годините наши не се обидуваат да се надминат една со друга, тие само се дополнуваат една на друга создавајќи го оној ланец на среќа сега заклучен со катанец на кој стојат врежани нашите имиња. Денес сети се на се она што го поминавме, денес да дозволиме на четвртата година од нашиот рај да не однеси низ крилјата на фантазијата сликајќи ја нашата преубава реалност низ целиот универзум.
Љубов, малку е да ти кажам дека те сакам. Ти многу подобро од мене го знаеш тоа, без премногу зборови, само со една најпријатна тишина на овој свет преточена во твојата прегратка. Премалку е да се зборува кога премногу се чувствува. Тебе премногу те чувствувам, засекогаш те чувствувам, ти си дел од мене без кој јас никогаш не би била целосна. И ништо не барам од тебе, ти ми даде се што можам да посакам, моето совршенство го создаваш ти, ти си творец на мојата среќа и причина поради која секоја тага во мојот живот исчезнува. Само остани покрај мене и припаѓај ми вечно.
Comments
Post a Comment