Тие не ги гледаат солзите кои ги исплакав,не ги чувствуваат стравовите кои ги сокрив
Не сте во мојава кожа, никогаш не сте ја почувствувале оваа болка која ме распарчува се повеќе од ден на ден. Никогаш не сте оделе низ моите патеки полни со трње и рози, боцкајќи се повеќе отколку чувствувајќи ги прекрасните мириси на животот. Вие не знаете како јас го туркам секој нов ден со сили коишто ги црпам од мојата внатрешност, толку празна во која речиси и ништо не се наоѓа. Не сте свесни какви периоди сум поминала, и кои од нив ме направиле појака или послаба, кои ме скршиле или ги составиле деловите од моето распарчено стакло на животниот пат. Не зборувајте како да ме познавате. Не ми судете по изгледот и по постапките. За се што правам имам многу добра причина, а дури и за тоа што не го правам. Навидум изгледам личност која не знае што да прави од својот здодевен живот, но не се оценува книгата според корицата. Не сте биле на дното од најдлабокиот океан на тагата, за да знаете какво е чувството да се исплива на површина цврсто застанувајќи на нозе. И не ме обвинувајте што никому не верувам. Довербата кон луѓето ме доведе да паднам во лошите искушенија на немилосрдните раце од несреќата. Немојте ниту да се прашувате зошто моето срце е ледено. Премногу љубеше, но заврши изиграно на најбедниот начин. Јас ги крпам деновите еден по еден, со надеж дека некогаш ќе ми се врати онаа целосна љубов која безусловно ја давав, и онаа доверба која ја стекнував гледајќи го лажниот сјај во туѓите очи. Не ме гледајте како злобна личност, мразењето е слабост, а јас сум силна. Бурите на животот и водопадите на успехот создадоа цврст штит врз моето тело. Никогаш не се ставајте на моето место. Нема да можете да го доживеете ниту половина од она што ја сум го доживеала. За да знаеш мора да ја почувствуваш сопствената кожа како виси над оган, да потрошиш половина од својата сила обидувајќи се да ја дофатиш водата која би го изгасила тој оган за да се смири распламтувањето. Не ми судете! Ми го знаете само името..

Comments
Post a Comment