Сино обоена душа
Знаеш, никогаш не се трудев да бидам премногу забележана. Ниту пак да се насочам во оној центар по кој сите посегнуваа изложувајќи го сопственото тело на сите опасности кои им се закануваа. Јас само бев пасивен набљудувач на сопствената судбина. Не е дека никогаш не ја испружив раката кон малите задоволства што ми ја засладуваа душата, туку секогаш тоа го правев во едно погрешно време, на едно погрешно место..Тогаш кога ќе помислев дека конечно во мојата претстава се случува нов чин, доаѓаше нешто да ме убеди во спротивното. Доаѓаа и нови ликови, нови сцени, светот се вртеше за 360 степени, а јас сеуште немо стоев чекајќи нешто, што по игра на случајноста беше вечно недопирливо, забрането, невозможно. Колку пати ја проколнав мојата несреќа, се проколнав себеси, дури несвесно и другите. Како секогаш некој од раце да доаѓаше да ја зграпчи онаа четирилисна детелина од моите раце, погазувајќи ја мојата гордост и оставајќи ме со наведната глава. Плачев за се што беше поврзано со било кој вид емоции, се смеев за секоја ситница. Но погледни ме, ја гледаш ли онаа празнина што ме печи во градите на толку силен начин што понекогаш и ме загушува терајќи ме да верувам дека повеќе никогаш нема да го вдишам тој воздух полн со свежина? И не, не ме прашувај што ми фали, не ме прашувај што не е во ред со мене. Нема да ти одговорам. Јас едноставно не знам што е тоа што недостасува за животот мој да се исполни на начин на кој би се чувствувала како да сум јас. Како да се гледам себеси во она огледало на искрените насмевки, во она огледало на солзите радосници.. Ова што лежи во мене, воопшто не ме потсеќа на мене. Ова тело е некомплетно, ова лице е присилено насмеано, ова срце се плаши да се препушти на уживањето. Ова проклетство е проникнато во мојата душа, ме тера на непресушни солзи, ме тера да не верувам со себеси, ниту пак во убавините што можеби ми предстојат. Стално се вратам во круг. Во сопствената приказна и во приказните на другите. Како на видео касета животот ми ги повторува сега истите веќе доживеани моменти, на поинаков начин, но со ист крај . Крај ? Всушност немаат крај, остануваат како полузатворени книги сеуште ѕиркајќи низ страниците со надеж дека доколку книгата добие нова корица приказната ќе се смени. Празнините ќе исчезнат, болката ќе се претвори во нежност, глумата во реалност, тагата во искрени насмевки. Нека си замине она туѓото од мене, јас само сакам да сум јас. Сакам да се доживеам себеси во светлото пред мое мижат моите очи. Сакам милион сини океани кои им дале водена живост на милионите жедни зрнца песок. Сакам поттик за да добивам, сакам позив да остварувам, сакам надеж. Бидејќи мојата надеж речиси и ја нема, го предвидувам крајот пред почетокот, ги гледам ликовите пред да се појават на сцената, како веќе исчезнуваат полека без трага. Сакам да задржам нешто вечно, нешто по кое копнее оваа празнина, овие очи кои секогаш го навестуваат синилото на морето и бурите на немирните бранови. Сакам мир во себеси, сино небо и мирен сон. Беспричинска искрена насмевка и топло чувство. Мила душа и лек. И амајлија, за скромна среќа. Прво за светот околу мене, а она последното парченце за мене.

Comments
Post a Comment