Отсекогаш беше таква..

Отсекогаш беше таква. Доволно силна да се затвори скривајќи ги сопствените проблеми, но доволно умна да се преправа дека воопшто и не постојат. Вешто ги криеше солзите кои ја разјадуваа нејзината душа во внатрешноста, а насмевката беше коректор на секоја капка тага која како зрак успеваше да ги допре тајните одаи на нејзиното срце. Уморна беше од животот, постојано страдањето достигнуваше до таа мера што мислеше дека болката е како расипан часовник кој никогаш не знае да ги помести стрелките од своето место. Оние кои добро ја познаваа се чудеа од каде ја наоѓа онаа снага да се разбуди со зрак надеж во своите очи и да се обиде да го направи секој ден нешто ново и недоживеано. Размислуваше поинаку од сите. Веруваше во тоа дека има многу повеќе работи искусено отколку нејзините пријателки на кои единствената грижа им беше кој фустан ќе го облечат таа вечер. Таа се научи да трпи. Се научи дека мора да издржи тогаш кога трновите на животот седнуваат на сопствениот трон и боцкаат до бескрај. Сфати дека розите не се толку убави каков што е погледот фрлен на нив. Знаеше дека убавините се нешто пролазно, нешто кое се памети и мора да се ужива се додека постои.
Таа е силна девојка. Никогаш не се предаваше. Секое ново искушение во животот го сносеше на сопствениот грб и никогаш не се осуди да дозволи некој друг да управува со неа. Достоинството го чуваше подобро од очите, егото го исполнуваше не покорувајќи се пред никого. Таа беше сама, ученик на сопственото искуство и сопствените порази. Девојка која никогаш не се осуди да побара помош од оние кои даваа се за да ја гледаат несреќна. На таквите добро знаеше да им покажи ... дека видеолентата на животот е збир на сите добри и лоши моменти кои ја создаваат нашата личност онаква каква што никогаш нема да се забележи низ одразот на стакленото огледало.

-Кристина Цонкинска, 2014

Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..