Не го сакав, ама..

Не го сакав. Го сожалував. Толку знаеше да се влечка и да се лигави по мене што немате појма колку ми стануваше одбивен. Го мразев од дното на срцето, ја презирав онаа цинична насмевка со која се одликуваше секоја негова постапка. Чувствував колку ме гуши неговото присуство таму каде што требаше да биде присутен некој друг дечко од моите соништа. Не ми се допаѓаше. Изразот на лицето секогаш му беше неутрален, не знаеше да изјави љубов ниту да покажи внимателност. Всушност како да сакаше само да ме провоцира со неговиот насилен став, со неговиот пригушен егоизам. Не мислев на него. Не, само во оние часови кога се наоѓаше покрај мене размислував за тоа дека никогаш не би се замислила со овој идиот кој стои спроти мене. Му се смеев во фаца, го сметав за беден неранимајко кој има карактер рамен на нула. Ми одеше на живци таа негова глупава прегратка во која не знам зошто ми беше пријатно, но го одбивав тој факт сметајќи дека можеби е така поради подолгото неприсуство на машка личност во мојот живот. Го бакнував сурово, а бев желна за тие негови усни кои ми беа полигави одошто можам да замислам. Го оттурнував. Знаев дека секогаш ќе дојде кога и да го повикам и со самото тоа се' помалку се трудев да ја придобијам неговата близина. Па нели идиотот се влечка по мене како полжав по дождлива улица. Очигледно и самиот си сфати дека ми е небитен. Почна да се трга, го гледав со други цури и не знам од која причина се споредував со секоја од нив оценувајќи ја како погрда од мене. Го среќавав на секој училиштен одмор каде помнуваше со она видливо игнорирање и лупање глупости на неговите другари кога ќе ме сретне. Му се јавував само за да го отерам упм, не сфаќајки дека се задоволував што го слушам неговиот глас, иако тоа секогаш беше луда бесна расправија. Ширев муабети за него, како сум му го покажала средниот прст и сум му свртела грб. А се повеќе мислев на него. Веројатно мислев на тоа колку многу го мразам и сакам да му вратам. Сеуште не бев свесна за што воопшто има да му вратам кога јас го шитнав, уствари и самата си се убедував дека е тоа така. Иако можеби и не беше. Се зближував со неговите глупави другари. Верував дека така ќе биде болно љубоморен и ќе падне на колена пред мене. Но, не падна. Само се креваше се повисоко, а јас полудував секојпат ќога ќе го видам. Колената ми се тресеа, подлактиците ми се скаменуваа, а во очите ми се појавуваше измешан гнев и сјај. Проклетство, во таа десеттинка од секундата сфатив дека го сакам само него. Тој истиот џукело кој ме бакна на старата клупа пред овој кафич. Глупакот кој во истиот тој момент го врежав со срцето со остар нож од кој сега крвави при секоја мисла што му ја дарувам. Станав немоќна во неговите раце. Кукла од памук која лесно може да ја добие тогаш кога ќе посака, а потоа да ја згази под нозете правејќи дека не постои. Тој е истиот човек на кого му ја подарив својата гола душа пред своето голо тело, кого почнав да го љубам од почетокот на голата коска до нервните завршетоци на мојата кожа. Човекот на кого му го посветив животот и среќата, заради кого ја изгубив секоја капка гордост и ладнокрвност. Ликот на кој му дозволив да ме уништува со секоја насмевка што ја дели на друга, со клучната незаинтересираност што знае да ја одглуми и со тактиката да ме прецрта како неточен одговор на лесен тест. Ама да, стана принцот од моите бајки, зарем тој коњ.. !?


-Кристина Цонкинска, 2014


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..