Таа не заслужува медал. Таа е медал!
.

-Таа беше само моја опција, пријателе. Ја барав кога ми требаше, кога бев осамен во тивките часови на ноќта, а ниедна друга девојка не беше заинтересирана за тоа како се чувствувам. Јас бев нејзин приоритет. Ја држеше мојата рака за да ме теши додека силни дождови паѓаа над кровот од моето срце. Беше тука, спремна да ја замени секоја девојка на која јас плакнев очи кога се’ ми беше супер, кога алкохолот владееше со моите вени и кога таа беше единствената невидлива женска особа во толпата на лесни кучки. Таа беше свесна за тоа, но сепак секогаш дотрчуваше на мојот праг со детска надеж во нејзините очи и со искрена насмевка срамежливо прикриена над ретките прамени коса. Понаивно суштество и немав сретнато. Ми велеше дека не може да биде таа која ќе ја сакам, дека не може да ги замени моите неостварени љубови. Во право беше, таа не можеше да замени ниедна друга девојка во која јас гледав разонода или голотија, вештачка убавина или природна хаотичност. Никогаш не се потруди да го направи тоа. Баш затоа остана посебна во моето срце. Ги знаеше сите мои потези, сите падови и неуспеси кои ги криев од сите други со страв дека ќе ми се смеат. Таа ме мотивираше да ги надминам, да се борам и да се докажам во најдобро светло пред другите. Да бидам привлечен за оние кои ме привлекуваа, да бидам најдобар за оние кои беа најдобри во моите очи. Но, залудно беше, пријателе. Јас веќе немав цел да се истакнувам пред другите кога ја имав неа. Тоа што таа ме гледаше со нејзините розови очила и што секогаш успеваше да го извлече најдоброто од сите мои лоши страни ме враќаше во живот. Заебав и слава, и забави, и девојки за една ноќ и мангупство. Ги оставив и алкохолот и цигарите. Престанав да се грижам за тоа дали изгледам подобро од моите другари и дали ќе сменам повеќе женски од нив. Вниманието го посветив само на неа. Таа стана центар на моите случувања, брат. А никогаш не го слушнав тоа од неа, никогаш не бараше да се вртам околу неа и да и кажувам дека е најубава. Не очекуваше ниту откако ќе станам да трчам да ја разбудам пред нејзината врата со букет цвеќиња. А го правев тоа. Станав романтичен будала кој почна да пишува стихови посветени на неа. Да режира филмови во кои таа беше главна улога. Кога вака раскажувам никој не би поверувал колку може да те смени љубовта која никогаш не се обидела да го направи тоа. Таа не ме смени брат, сам се сменив. Само што таа беше причината за тоа. Таа беше причината да живеам, да творам, да се борам против целиот свет за да ја задржам. И никогаш не се каев, напротив секој ден кога се будам ја гушкам се посилно заблагодарувајќи му на Бог што се буди покрај мене. И сеуште трчам да и донесам нов букет цвеќе на кој секој пат се изненадува се’ повеќе и повеќе. Не добив пари, ниту богати другари и грмада кукли кои ќе се палат на мене. Добив нешто поради кое изгубив во битката со тие пороци. Не ја добив таа која го заслужува секој медал. Ја добив неа, која беше медал. Златен медал кој вечно ќе го носам на мојот врат. Да ме краси и да ме потсетува поради кој успех јас станав подобар човек!
-Кристина Цонкинска, 2014
Comments
Post a Comment