Ќе има и таков кој ќе те насмевнува
Крени ја главата, драга. Избриши ги тие солзи. Тешко е знам, но барем за момент избриши ги. Нека не се слеваат да го упропастат и твојот кармин. Стави нов слој на маскара, погледни се во стаклото на огледалото. Изглуми насмевка. Прекрасна си! Вети си на себеси дека во наредните минути нема да ги гледаш сопствените солзи во тој одраз. Стави шминка, прекриј ја болката, маскирај ја тагата. Забораваш дека вредиш? Да. Секогаш кога твоите најубави очи плачат, ја омаловажуваат твојата вредност. Ти си кралица, запомни. Големите девојки не тагуваат. Тие само прават други да тагуваат по нив. Можеш да бидеш што ќе посакаш. Да имаш крај тебе маж достоен за твоите насмевки, вреден за твоето внимание. Само кукавиците расплакуваат девојка како тебе. Девојка која заслужува повеќе од што треба. Ти си богатство. За светот си само еден златник, но за некого ќе бидеш ковчег со целото богатство што го има во животот. Некој ќе те држи за рака и ќе те покажува на светот како негова принцеза. Ќе ти ги брише солзите и ќе биде само твој херој. Сега облечи го фустанот, пушти ја твојата омилена песна и застани на високите потпетици. Црвениот кармин ја отсликува твојата сила. Само стегни ги палците и верувај во себеси. Оваа вечер не тагувај. Не дозволувај да ти се приближат оние кои не те заслужуваат. Единствено што можат да направат е да те повредат повторно. Нека биде твојата суета силна, твоите ставови цврсти, твојата перфектност нека им ги сруши соништата. Докажи дека се цениш. Дека си сама, но толку прекрасна недостижна дама. Биди главна улога во сопствениот филм. Заблескај мила, нека потонат солзите во бездната на преболеното. Тој што те расплакал ќе дознае колку боли, еден ден кога ќе ги брише солзите на ќерка му која ќе ја расплакува некое исто како него недораснато момче..
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment