Затоа што те имам тебе

Затоа што те имам тебе,се имам конечно себеси онаква каква што само ти умееш да ме направиш. Со врела насмевка и очи полни надеж, со расширени раце кои живеат за денот кога ти ќе ми дојдеш да ја пополниш другата половина на мојата празна прегратка. Затоа што те имам тебе, ги имам оние повици доцна во ноќта кои молат за да го слушнат твојот глас. Имам милион нежни зборови од кои ми се растреперува срцево и кои ме прават да се чувствувам дека сум потполно твоја. А оние моменти кои ги поминувам со тебе, оние денови од кои се состои нашиот таен мозаик на совршенството, ги искористуваме најдобро што умееме. Се надополнуваме еден на друг и впиваме што е можно повеќе, за да останеме сеуште блиски дури и кога километри не’ раздвојуваат. Бидејќи сум само твоја, со тебе го замислувам секој сегмент од мојот живот. Со тебе летам без крилја, заради тебе трпам порази на моја глава и се’ кршам, а ти си единствениот чија подадена рака ме крева на нозе и ми покажува колку е убав светот кога некој те сака повеќе од се’. Поради тебе научив колку вистинската љубов може да преживее, колку може и покрај сите падови да се исправи и да станува се посилна од првиот пат. Со тебе го доживувам најдоброто што може да ми се случи со една личност. Не, не сум скептична кога зборувам дека после тебе нема да љубам. Ниту сум премногу занесена кога зборувам дека тоа после тебе нема да постои. Еднаш те изгубив, но нема да дозволам да ми се случи тоа повторно. Нема да дозволам трагајќи по тебе да се изгубам и себеси. Затоа што кога ти ме љубиш, светот застанува. Половина од мојата совест што ме нагризува исчезнува. И кога сум склопчена како мало дете припиена до твоето тело, ништо друго не ми е битно. Ти си мојот заштитник, мојот ангел кој не дозволува да се скршат моите крилја. Бидејќи твоите раце се најбезбедното место во кое јас припаѓам и се чувствувам најсигурно. Не ми давај да си одам, затоа што ме имаш. Затоа што и двајцата сме свесни дека животот е краток за ваква љубов да се случи двапати. Давај ми сила и биди ми слабост. Остани вечно до мене, затоа што еден час со тебе е повреден од било кое богатство на овој свет. Затоа што ти ме чуваш како најскапоцен дар, затоа што си свесен колку заслужувам и се обидуваш да ме цениш повеќе од било што. Затоа ти си тој. Затоа ти го имаш единствениот дел од моето срце кој засекогаш ќе биде твој!

-Кристина Цонкинска, 2014



Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..