Нашиот пламен нека гори засекогаш
Како да го објаснам она што го почувствував првиот момент кога го видов твојот лик. Како долго да те чекав, а ти се појави толку брзо и ги надмина сите мои стравови кои досега се сокриваа во моето срце, ја руши сантата мраз која го заробуваше моето тело. Откако ги здогледав твоите очи полни со надеж, откако ја почувствував топлината на твојата прегратка врз мене започнав да верувам дека навистина е возможно да се живее релноста во подобра верзија од соништата. Твојата грижа и нежност кои ги добив уште од првиот миг,кога бевме само двајца странци во темнината од една ноќ кои после еден бакнеж се чувствуваа како само тие да постојат во светот. Кога нашиот свет почна да се состои од мене и од тебе. Од НАС. Од тогаш се сменија нашите животни биографии. Мојата биографија почна да се пишува со твојот ракопис, ракопис со кој ти ми се врежа длабоко под кожата и успеа да ме направиш да бидам твоја во целост. Бевме само среќни. Сакавме се да пробаме, да откриваме тајни скривалишта на младоста држејќи се цврсто за рака. Ја раскажував нашата приказна со сопствени зборови. Знаев дека со една рака можам да го освојам цел свет ако ти ме држиш за другата. Не постоеја тогаш бивши ниту идни. Сите други беа неважни наспрема тебе. Одтогаш за мене постоеше една љубов, една личност која ги има најубавите очи, најсилните дланки, најнежните усни и најсигурните раце. Со тебе научив да простам, повторно да верувам и да не се откажувам. Ти беше единствениот кој завладеа со моето срце и го покори моето тело. Ти беше единствениот поради кој не спиев долги ноќи и поради кој се будев секое утро со насмевка или со солзи. Единствениот кој смртно ме повреди тогаш кога требаше да ме штитиш. Те оставив љубов моја, а без тебе секоја празнина само стануваше се поголема и поголема се додека не почнав да тонам во бездна љубејќи те се посилно од ден на ден. Ми се кинеше срцето кога гледав колку многу се каеш, колку многу ти е тешко без мене, колку се трудиш да добиеш барем еден ден назад од она што го имаше со мене. Гиневме и двајцата, а нашиот датум дојде повторно, додека нашето место стоеше празно во текот на ноќта и плачеше за нас. Во тие моменти почнав да сфаќам дека се’ во животот е безвредно доколку ја пропуштиш вистинската љубов. Љубев и други, но љубев лажно. Ти беше лекот кој ми недостигаше. Почнавме да ја градиме нашата среќа, но не со нов крај. Туку овојпат без крај. Затоа што неизмерно те сакам љубов моја, и без тебе секој ден ми е само нова болка. Биди вечно до мене, дури и тогаш кога ќе ти речам да ме оставиш, срцево вреска да останеш. Секогаш сум тука да те пречекам да ми дојдеш од далечини со онаа насмевка која е доволна да ми го разубави целиот ден. Секогаш ќе те сакам. Ти се колнам во вечна љубов затоа што постои. Тоа сме јас и ти. Да не дозволиме да згаснеме. Нашиот пламен нека гори засекогаш.
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment