Но, тој не е ти
Среќна сум со него. Значи, како да ти кажам, со него имам се’. Бескрајното внимание го насочува целосно кон мене како прецизен часовник кој го потенцира точното време, неизмерната љубов ми ја точи како чаша вино, а среќата ми ја сервира како десерт после ручек. Знае да ми додели прегратка тогаш кога ми е најпотребна, да молчи кога не ми се зборува, да измами насмевка на моето лице после пролеаните солзи. Сите мои желби ги обелоденува уште пред да ги помислам. Никогаш не побарал да се променам, ме љуби во целост. Ги обожава сите мои маани и ги учи на памет моите вредности. Како можам да се пожалам? Тој е мојот херој, мојот спасител кој ме научи како изгледа вистинската љубов. Тој е мојот џентлмен кој никогаш не би го изневерила, ниту би го заменила. Се’ ќе беше совршено да не постоеше еден мал проблем. Тој не е ти. Не е арогантен дрдорко кој бега од грешките и очекува сами од себе да се поправат. Не е мангуп кој сака да докаже дека може да има две девојки истовремено само за да биде во центарот од неговиот круг на пријатели. Не ме лажи и повредува, а потоа ме остава сама низ низа непроспиени ноќи. А сепак не може да те замени. Не можам да го сакам толку проклето колку што те сакам тебе. Пробав, ама залудно. Сега само оставив да бидам среќна покрај некој кој е свесен за мојата вредност. Но, нека ми прости, секогаш ќе те носам тебе на срцево се додека отчука неговиот последен удар.
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment