Открив каде припаѓам. Одлучив да те имам!


Толку години те имав пред очи, а никогаш не ти припаѓав. Можеби сите оние други кои беа покрај нас, а не во нашите срца не' натераа да ја сокриваме љубовта зад завесите на едно силно другарство. Можеби доколку тогаш се отворев пред тебе и ти го подадев срцево на дланка, ќе бевме неизмерно среќни. Ќе имавме љубов на која сите ќе завидуваа. Ние само направивме да си завидуваме еден на друг. Љубевме некои други од инат, оние кои во ничии очи не беа вистинските, а дистанцата меѓу нас растеше заедно со чувствата кои врескаа за помош од нивното потиснување. И покрај се’ во едно нешто секогаш бев сигурна. Знаев дека секогаш ќе бидеш тука за да ме прегрнеш кога и да сум расплакана од погрешните одлуки во животот кои си ги нанесов самата на себеси. Знаев дека кога и да се упатам до твојот праг, ти ќе ме пречекаш и ќе ме посипеш со нежните зборови кои недостасуваа во моето срце. Те лажев тебе, а најмногу се лажев самата. Мислев ќе заборавам, ќе те гледам со пријателски очи и уште долго ќе бегам од вистината. Не знам зошто сакав да се сокријам. Сигурно стравот беше посилен дека ќе бидам повредувана како и досега, иако длабоко знаев дека ти си поинаков. Но, крајно време беше храброста во мене да порасне, катанците на заробената душа да се отклучат и да истурат безброј заробени тајни. Одлучив да те имам. Дозволив да се предадам на тебе, да те имам целосно. Ризикував да ти верувам, бидејќи тоа беше единственото нешто што ми остана. Среќата седна на мојот пиедестал. Сега кога конечно можам да те наречам моја љубов, кога најпосле можам да те признаам колку ми требаш без предрасуди, без причини и последици, не сакам да те изгубам. Сега , кога си до мене сакам да те држам засекогаш и никогаш да не те пуштам во други погрешни раце. Бидејќи заедно сме најсилни, заедно светот е само препрека која можеме да ја надминеме со споени дланки. Овој датум е еден најубав ден од мојот живот. Овој ден не’ потсетува дека треба да траеме. Не ме прашувај зошто не беше кога требаше да биде, ниту зошто е кога можеби не треба да биде. Не постојат граници, нема ограничување. Ми требаш сега и засекогаш. Да не дозволиме да се руши ѕидот на она што несвесно го градевме долго време. Биди секогаш тука, јас никогаш нема да заминам. Открив каде припаѓам и срцето мое е твојот дом. Секогаш ќе живееш таму без оглед на се’. Единствената желба во овој момент ми е да успееме. Да се бориме против сите за она поради кое живееме. И во ниеден момент не заборавај дека те сакам. Она вистинско ТЕ САКАМ. Она најтешко за изговарање, но исто толку најискрено, те сакам.


-Кристина Цонкинска, 2014





Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..