Предизвик на љубовта
Се натпреваруваме кој кого ќе повреди повеќе, а во себе гориме за да бидеме најсилни, така заедно. Јас сакам да ти покажам дека сум среќна без тебе, дека можам, дека ќе успеам, издржам. Ти се правиш дека ти е сеедно што ме немаш, се трудиш да ме оставиш како бледа дамка во минатото. Иако сето е глума, јас сум со него, а ти со неа до тебе. И само се бараме. Се будам како да си до мене, заспивам како да го слушам твојот глас од другата страна на слушалката. Ти ја љубиш неа, а знаеш дека усните уште одамна ти се поврзани со моите. Тераме инат, а со тоа ја тераме и љубовта од нас. Но преголема е, огромна е. Не' убива и не' раѓа повторно. Продолжуваме да живееме еден за друг, а еден без друг. Болно е, боли премногу. Да се правам дека не те сакам е најтешката работа што можам да ја направам. Играм некоја улога против тебе, а конците на нашите маски сеуште се нераскинливи. Една душа е, само телата ни се одвоени. И тоа ме сече. Ми тежиш во срцево, а те имам само таму. Ни тој, ни таа нема никогаш да бидат за нас, она што сме ние двајца. А сега сме подалечни од било кога. Се гледаме од рабовите на сопствените животи, и го играме предизвикот кој ќе потоне подлабоко. Ние можеме се'. Способни сме да го задржиме она што го чуваме во себе, да ги сплотиме нашите дланки и да го победиме светот. Гордоста се испречува пред нас. Се одмаздуваме само за да не си признаеме колку сме потребни еден на друг. Свесни ли сме што пропуштаме?
-Кристина Цонкинска, 2014
Comments
Post a Comment