Ветување
Помина со прстите низ двата прамени,
свилени станаа од тој допир,
чинам.
Го задржа здивот, а дишеше
кротко.
Мир надвладеа во мојве
гради,
го гледав, закована стоев
шаренило на изобилството
сочинуваше созвездие
во мојот исконски поглед.
Јато на нежности низ мене,
кожата ме
студенкаше,
усните трепереа врело
желни отсекогаш,
и тие за него.
Ме галеше низ образите,
стравовите ги скроти,
Заборавив на ноќи бесни
на улици валкани и
мориња немирни.
Во целост го чувствував сега
ми недостасуваше повеќе,
а до мене беше.
Неговата насмевка
сонцето го заменуваше.
Испреплетени дланки
и шише со вино,
неотворено, но полно
исполнето и мирно,
опиено од нас
место ние од него.
Музиката ја свиревме,
мојата прегратка
со неговите научени акорди,
оркестар од емоции
душава ми ја опушти.
Светот застана, се занемари
јас нахранета од
присуството,
тој повеќе мој отколку свој,
видик ограничен и доволен,
бескрајна приказна сплетена
од пар едноставни реченици.
Волшебна апстракција
и едно ветување
за цел живот скроено.
Небо обоено од мириси
измешани, а сеуште свежи.
Топлина од студот есенски,
расфрлани лисја на страсти,
искра од две сплотени
сказни.
Прстен од копнежи,
и тајни откриени.
Болка исчезната,
радост проткаена.
Една душа, двојно жива,
емпатија на раскошот,
а ветување едно.
И тивка заклетва,
доживотно искрена.
Comments
Post a Comment