Откако се откажав


Оттогаш не одговорив на ниеден од неговите повици. Стравот дека ќе му простам ме надвладуваше и само го оставав на масичката молејќи се што побрзо да изѕвони до крај. Потоа ги стегав очните капаци за да се спасам од напливот на емоциите и така умеев да заспијам. Најтешко ми беше кога се будам. Се чувствував дека некако бесцелно би било моето постоење. Сакав да спијам уште, и уште. Посакував можеби и никогаш да не се разбудам. Присилно ги стискав очите за да се вратам таму кај што ме чекаат соништата. Неполнетите соништа. И така со часови знаев да се дружам со темнината. Не се гледав себеси како пропаѓам, а не ме гледаше и никој друг. Знаев да се исплачам се дури не останам без здив, да липам додека ме држи гласот, на некој начин да се испразнам. А сеуште некои уништувачко настроени тежини владееа во моето заробено тело. Некогаш се обвинував себеси, се сметав за кукавица што се откажав, се прашував што доколку издржев, што додека додадев уште една во кошницата на неговите милион прокоцкани шанси. Тишината никогаш не ми одговараше, но барем не беше способна да ме премислува. Така добивав поддршка, верував дека само сум наишла на погрешна станица од мојот живот низ тесните кривулести улички. Ми се случуваше и да молчам со часови, да излезам со пријателките, а да одлутам некаде далеку. Едноставно немаше потреба да ме прашаат што ми е, јасен беше одговорот. „Повторно е со него таму некаде.“ Ех, колку беа будалести. Толку премногу бев без него, што да кажам дека некогаш и сум била со него беше навидум смешно. Имаше само едно место каде што можев да го сретнам постојано. Неговото присуство таму веќе ме изнемоштуваше. Сакав да го откорнам и да го отфрлам како никогаш да не постоел во мене. Но, не сакав да останам без срце. Затоа се трезнев секој ден по малку. Во тешка критична фаза или стадиум бев што ниедно средство не ми помагаше потполно да се опоравам. Што знам, можеби премногу горкото кафе ми ги загорчуваше усните, димот ми ги надразнуваше градите, вотката ми ги печеше непцата. Колку толку ме потсетуваа дека сум жива. Ноќите долго време ги поминував лежејќи скршена од болка, свртена со грбот кон месечината и бегајќи од светлината како некој вампир. И така доаѓаше утрото, а раната малку по малку се затвораше. Еве ја и сега ја гледам, има огромна лузна, да. Но да не паднев тогаш во тие млади години кога наивно верував во вистинитоста на љубовта, сега немаше да научам. Да немаше лузна, немаше да се потсеќам, ќе заборавев. А тoгаш немаше да бидам ниту половина силна отколку што сум сега. Само ќе го повторував истиот испит и секогаш ќе паѓав на добро познатата грешка.


-Кристина Цонкинска, 2014





Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..