Јас сум тука. Јас те чекам.

Овие пожолтени лисја кои ги гледам насекаде околу мене, веќе го одминаа летото. Врелото сонце исчезна, а врелите спомени останаа врежани на моето срце. Сега километри сум далеку од мојата среќа, телото ми е поделено на делови, а повеќе ме има покрај тебе отколку во ова овдешно залудно присуство. Ми остана топлина од твоите сега далечни дланки кои затворени ги чуваат сеќавањата да не избледат. Ми остана една најсилна прегратка во која посакувам сеуште да се будам. Денот кога те напуштив, вешто ги криев солзите, ја притискав болката и во живот ме враќаше само помислата дека некогаш повторно ќе сме заедно. Поминаа само неколку денови,а за мене еден век. Ми фали онаа личност која ми ја врати вербата во љубовта, ми фалиш ти, баш онаков каков што те познавам, онаков каков што си. Сеуште будна ги сонувам сите моменти кои ги поминав со тебе, ситниците кои знаеја да ме направат среќна со денови, пораките од кои ми доаѓаше да го прегрнам целиот свет, ноќите во кои постоевме само јас и ти и две срцебиења со најсилни чувства. Се' би дала за уште еднаш да те имам во прегратка, онака само мој, онака целосно да ми припаѓаш, со душа и со тело, со зборови и насмевки. Никогаш не заборавај дека јас сум тука, јас те чекам, твоја сум. Земи ме кога и да посакаш и никогаш не ме оставај. Мојот дом е во твоите најсилни раце. Дозволи ми да те љубам засекогаш, и знај дека мојата љубов кон тебе е секогаш на прагот за да те дочека со нејзината најсилна искра.

-Кристина Цонкинска, 2014



Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..