Зборовите на едно огледало
Познавам една девојка. Ја познавам многу подобро од нејзините пријатели. Скоро и приближно добро колку нејзините родители. Многу тајни споделуваше со мене. Секој ден откако ќе се разбудеше поминуваше часови пред мене. Колку е само прекрасна !- си помислував. Таа е само девојка, млада и убава, со полни образи и нерамен стомак. Совршено ја познавав. Ја гледав во сите изданија. Во нејзините пижами и разбушавената коса без ниту грам шминка на нејзиното лице, во сите фустанчиња во кои никогаш не се осмели да го пречекори прагот на нејзиниот дом. За мене таа беше манекенка. Баш онаква манекенка каква сакав да видам во мојот живот. Сите парчиња облека и’ прилегаа. Сите костими за капење кои ја разочаруваа и ја тераа да ги смалува сопствените вредности во нејзините очи. Ех, да би го видела она што секојдневно јас го гледав. Можеби тогаш немаше да има потреба мојот одраз да ги впива нејзините солзи и да ја сокрива уништената самодоверба. Тој ден од плакарот го изваде црвениот фустан и кога го облече ме остави без здив. Го истакнуваше нејзиното тело, ги сокриваше малите нерамнини и ја дополнуваше нејзината висина.
-Носи го тој оваа вечер!- посакав да извикам. Но, залудно.
Повторно ја видов таа превртена насмевка, а потоа истрчувањето во нејзината соба кое ме остави во исчекување. Ја видов пак. Срцето ми застана. Се затвори во црна облека во која по мене изгледаше како да жали, лицето и беше прекриено со прамените од косата , а облините на нејзиното тело речиси и да не постоеја. Се насмевна и излезе. Никогаш не заклучив зошто оваа девојка не научи да ги користи насмевките во правилниот момент!
Денови и денови го гледав истиот филм. Секогаш придушено врескав мислејќи дека можеби моите неми зборови ќе и’ ја вратат самодовербата. Ја мразев сопствената улога на лажен судија. Тоа траеше се додека еден ден пред мене излезе девојчето кое не можев да го препознаам.
Ковчестите раце ги беше накитила со алки, пропаднатото впиено лице без тронка живот во него имаше собрано неколку килограми прав од шминка. Клучната коска истакната повеќе од кога било ја прикрила со бисерен ѓердан. Повеќе ги немаше оние бумберести дланки, она стомаче кое по малку знаеше да наѕре од под нејзината куса блузичка. Сега се исмачив да го пронајдам стомакот кој беше како издишен балон кој се моли за воздух. Црвениот фустан беше на неа! Фустанот во кој некогаш ми беше омилена се’беше надвиснал над скелетот кој стоеше спроти мене. Таа беше среќна. Се смееше. Тогаш несетно заплакав за првпат во мојот живот. Посакав да не бев причината зошто моето сакано девојче се претвори во движечка закачалка. Посакав да се искршам и никогаш да не постоев на ова место во оваа соба. Не можев да ја гледам како пропаѓа и е среќна поради тоа. Ја мразев мојата улога. Ниту можев да ги изустам моите зборови, ниту да ги бришам нејзините непотребни солзи.
БИДИ ЗАДОВОЛНА СО СОПСТВЕНИОТ ИЗГЛЕД, БИДЕЈЌИ ЌЕ СЕ НАВИКНЕШ ДА ЈА НАОЃАШ СРЕЌАТА ВО СОПСТВЕНОТО САМОУНИШТУВАЊЕ. НАЈУБАВА СИ БАШ ТАКВА КАКВА ШТО СИ. НЕ ГО МЕНУВАЈ ТВОЕТО ТЕЛО, НЕ ПОСЕГАЈ ПО УБАВИНАТА НА ТВОЕТО ЛИЦЕ. ОДРАЗОТ ВО ОГЛЕДАЛОТО Е ТВОЈОТ ПОРТРЕТ. АКО ГО СМЕНИШ, ТОА ПОВЕЌЕ НЕ СИ ТИ!
Comments
Post a Comment