Еден лик сокриен помеѓу страниците

Понекогаш седнував да размислувам. Длабоко, интензивно, ги резимирав деталите, играјќи ја улогата на мојот омилен детектив. Секогаш кога бев сама празнината како да ми ја исполнуваше љубовната инспирација. Исполнети, неостварени, вистински, лажни, болни. Љубов. Или љубови. Ако постојат обете. Знаете, огромна книга. Илјада страници и уште милион празни кои ги чека нова судбина. Поглавја и поделби, подвлекувања, потцртувања, реченици недовршени. Три точки или запирка запрена во безвременскиот простор. Во секој случај постоеја, беа дел од мене, сакала или не. Некои ми донеле среќа и искуство, други само искуство, а некои најпросто само среќа. И не знаев да си ги објаснам баш оние таквите. Во графата само еден потпис, две иницијали, премногу малечки, збиени, затетеравени во дното на страницата. И еден лик. Едно момче кое никогаш не го доловував на тој начин. Се' некако почна поинаку. Не беше приказна, ако можам и така да ја наречам и воопшто да го негирам постоењето на таа навидум плитко врежана краткотрајна сторија. Не можеше да биде тоа што беше, или најпросто не можеше да биде она што можеше да биде. Не смееше да биде она што сакавме да биде. А кога се сеќавав на кој начин ги поткренав прстите за да ги допрам неговите усни додека треперев како пеперуга на јужен ветер, се вцрвував како булка гледајќи се себеси низ толку срамежливи страсти кои ме скокоткаа и ден денес кога и да се смешкав во себе без причина. Ја занемарував таа вечер, не објаснувајќи си дали има или нема причина за тоа. Премногу бев убедена, што речиси и невозможно беше да помислам да ги соединам тие срцебиења повторно, и повторно да се поклопат како два симетрични ликови од огледалото. Не бев само јас расипувачот на забави, двајцата бевме скептични. Толку инаетливи што дури и да си ветивме дека нема повеќе да се побараме низ глувите часови на ноќта кога и двајцата имавме потреба еден од друг. Ретко се пронаоѓав себеси да мислам на тоа момче, а восхитот кон него растеше како младата месечина на полноќ од зад врвот на снежната планина. Како парадокс на тоа секој сон ми беше создаден од неговите маслинесто зелени очи кои сеуште ме гледаа не умеејќи да сокријат една тајна загатка на која знаев како да одговорам, а ми недостасуваше храброста која ја добив таа вечер кога за прв и последен пат го љубев и милував лицето кое ми беше непознато исто толку добро колку што го познавав. Некогаш кога летам во облаците посакувам тој да е до мене. Чисто онака повторно да се почувствувам само среќна без ниеден друг атрибут. Да летаме заедно се додека сме отворени еден на друг како миризливи лалиња на лето кои се лелеат на јулското сонце. Штом ноќта падне ќе станеме само странци во ноќта со две исти желби останати во унииверзумот позади двата пара истобојни погледи.


-Кристина Цонкинска, 2014


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..