Тие двајца беа како магнет, се привлекуваа само тогаш кога си вртеа грб еден на друг.
И тоа беше нешто кое го почувствува за прв пат од своите скоро две децении, нешто од кое се обидуваше да избега исто толку колку што се трудеше да му се доближи. Една одлука погрешна колку што беше вистинска. Премногу погрешна за да верува во неа, а премногу неодолива за да ја прескокне како камче на патот. Во овој искрен свет на лаги, за неа само тој лик беше вистина. Секој ден и причинуваше болка многу повеќе отколку што и причинуваше среќа сите денови собрани откако се појави во нејзиниот живот. Сладок изговор за една горчлива тајна, горко кафе за парче заблажена торта. Тој го надоврзуваше нејзиното добро со лошо, често лошото со лошо, а неретко лошото го претвораше во добро. Тој беше шаренило на карактери. Во себе содржеше милион погледи, перцепции, идеи спротивставени една меѓу друга. Телото му беше распарчено на бунтовни двосмислени чувства, не си даваше на себеси да разграничи на кој начин да делува. Веројатно и не беше способен да каже цврсто дека ја сака и дека ќе се бори до крај, или да одбие да учествува во таа битка каде остануваш сам или некого друг оставаш сам. Всушност, тој дејствуваше непромислено. Иако не изусти ниту еден единствен збор сите овие години во кои таа се обидуваше да извлече од него еден јазол на врзани скриени чувства, некогаш знаеше да биде незаменлив. Умееше да даде се` од себе, да соедини топло со ладно, да ја претвори тагата во среќа, да најде баланс меѓу тие противречности во него и да ја стопи со искрен топол поглед меѓу неговите трепки. Беше талентиран за да ја заведе со една насмевка, да и докаже дека светот може да и` го поклони на дланка, само тогаш кога ќе стане сигурен во она што го гледа, уверен дури и во она што не го гледа, во она што постои зад видливото. За неа не беше премија тоа да го има само тогаш кога тој ќе посака. Често знаеше да избувне, да ги наведе факторите од кои зависи нивната љубов, да ги избрише критериумите кои беа врвна цел во неговиот живот и да се повлече. Немаше кондиција да се однесува според неговите желби и барања, а тој и беше и желба- и барање. Нешто без кое организмот не и функционираше добро, и нешто со кое се превртуваа наопаку сите процеси во него. Тие двајца беа како магнет, се привлекуваа само тогаш кога си вртеа грб еден на друг.
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment