Помогни ми да ти одолеам

Знаев дека е лесно да се заљубам во тебе, затоа одложував. Не те избегнував поради тоа што не сакав да те видам, туку од стравот дека сакам да те видам. Од стравот дека ако те видам сега ќе сакам пак. Не ме обвинувај поради тоа. Доволен беше еден твој поглед за никогаш да не ги заборавам тие очи. И онака веќе доволно ги паметам. Ама се трудам, не гледаш? Се борам против себе ова да не прерасне во уште една болна љубовна приказна како и сите други. Се стресувам од помислата дека ако не ме засакаш, ќе се скршам. Прости ми, не можам да ти верувам. Толку години ме знаеш, а се сеќаваш на мене само кога немаш друга покрај себе. Сакаш да ја знаеш ли вистината? Те чекав. Те чекав предолго да го направиш првиот чекор, сонував секоја вечер за тебе и се молев на Бога да успее. Поради тебе ги засакав и оние работи кои ги мразев, само зашто тебе ти беа омилени. Поради тебе почнав да ги слушам песните кои некогаш ми ги пееше со такви чувства во кои за малку би поверувала, доколку другиот ден изглумеше дека ме познаваш. За тебе лесно беше. Знаеше дека не сум лесна, ниту дека сум девојка за замена, а ме третираше како таква. За тебе беше прелесно да ја префрлиш целата вина на мене, станувајќи несвесен за последиците. И сега ми кажуваш дека немам грижа на совеста? Ме прекоруваш бидејќи те одбивам? Прекори ме. Пркоси ми. Но, остави ме. Во заблуда живеам цел живот, нека не биде и ова само една епизода од твојот живот. Се` земам при срце. Ќе напишам приказна за тебе, ќе навезам стихови. Ќе се спремам да се борам за тебе дури и тогаш кога ќе бидам раскрварена од болка. За твоето единствено „здраво“. За една „добра ноќ“. Ќе живеам и без нив, не грижи се. Само тргни се, помогни ми да ти одолеам!

-Кристина Цонкинска, 2014


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..