Најдобриот најлош господин
Беше потполно луд и неразумен. Гневен, арогантен и нервозен. Се` си правеше по свое. Никогаш не ги послуша моите совети ниту фактот дека јас треба да го советувам. Да беше некоја друга, најверојатно ќе го оставеше. Ќе бараше да се промени, да и` угодува, да стане друга личност поради неа. Но, ете не беше друга, бев јас. И до ден денес ме прашуваат колкава „среќничка“ бев што налетав токму на него. Знаеше да избега од мене и да не се враќа, да се оттуѓи, да стане анксиозен, несфатлив, дрзок. А за некој ден да се врати како животот да му се сменил за триста шеесет и пет степени и да ме заведе повторно како причина за неговата насмевка. Да, зборуваше празни зборови и не докажуваше ништо никому со дела. Премногу беше горд за да попушти, премногу заљубен во себе за да и` пркоси на сопствената суета. Можеби и ме изневеруваше, можеби и воопшто не ме сакаше ниту размислуваше премногу за мене секоја ноќ пред да заспие. Па на некој начин ниту јас праќав војска да го брани кога ќе останеше сам. Знаев само дека го сакам и се задоволував со неговото присуство и бескрајното внимание кое умееше да ми го подари иако беше сосема несвојствено за неговиот карактер. Тоа беше додека бевме заедно, додека поминував часови склопчена во неговата прегратка и заборавав на целиот останат неважен свет. Откако ќе ни се разделеа патиштата тоа бевме само јас и тој. Двајца талкачи по различни патеки кои секогаш се среќаваат на едно исто место. Без подготовки, без договори, без доцнење. А онака баш најубаво ми беше кога од нигде никаде ќе ме приближи до себе и галејќи ми ја косата тивко ќе прошепоти: „Фала ти малечка што никогаш од мене не побара да се променам. Сам одлучив да го направам тоа поради тебе! “
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment