Дождовната љубов на мојот праг
Бев лута и на себе и на него. После долгата караница сонот го оставив далеку зад очните капаци, а лентата со зборови кои си ги изнарековме се беше заглавила да се повторува во мојот мозок. Се искрадов во ноќта за да го гледам дождот, а на прагот го зачекав него. Беше влажен од глава до пети, косата му беше прилепена за тилот, а облеката натежната над слабичкото тело. Беше задишан и со глупав израз на неговото лице. Ме погледна продорно, а јас стискајќи се да не прснам од смеа правев напори да го гледам со сериозна загриженост.
Како дојде овде?- ми се испушти.
Не помина ни минута додека сфатив дека прозорецот на неговата кола беше навистина скршен од онаа причина што јас почнав да го „гаѓам“ со камчиња откако ми претече лутината низ сите сите нервни капилари во кои течеше крв заради него.
Немо го гледав и размислував како да ја поправам грешката, а притоа да не попуштам. Уште ме држеше лутината, па морав да сум строга. Во случајов тоа беше невозможно, зашто знаев дека штом ќе го погледнам тоа негово бесно мрдање на долната усна, нема да издржам повеќе. Затоа само се притискав и гледав во белиот ѕид како зад него да се наоѓаше слика на „Мона Лиза“ од париската галерија.
-Ова, извини...Знаеш за стаклото. Ќе се обидам да средам.
-Да средиш?- иронијата не ја прикриваше- Ноќ е, дождот паѓа како луд. А и јас сум луд што останав да стојам на твојот праг. Барав механичар, не тебе. Ти и онака не си способна да поправиш ниедна работа- рече саркастично низ заби.
Вриев, но се смирив. Мотав низ речникот во мојата глава и едвај го чекав епилогот за да ја смирам топката.
-Не сакам да се мешам, ама ќе ти пречи ли да се провлечеш низ задниот прозор за да ми донесеш букет од свеж дожд? Знаеш, отсекогаш сум го сакала. Дождот, де!
-Кристина Цонкинска, 2014
Comments
Post a Comment