Исповед на едно пријателство


Никогаш не сум умеела целосно да се искажам. Ќе вртам одоколу, по должината на кругот, ќе заобиколувам, но нема да погодам во центарот. Моја грешка или недостаток, можеби само желба да го оставам товарот да натежнува над мене наместо над другите. Не сакав ништо никому да докажувам, да се опрадувам, да резрешувам мистерии во кои знаев дека јас секогаш ќе испаднам послабата бидејќи знам да ја смирам топката, да ја измамам насмевката и да заборавам на трнот кој го гледам во нечии очи. Тежок карактер, ме знаете прилично добро. Но, сепак се чувствував дека имам многу среќа. Ве пронајдов вас, или вие ме пронајдовте мене-како и да е, научив да бидам подобра личност со вас, а набрзо и тогаш кога вие не бевте околу мене. Се збогатив. Во речникот воведов многу зборови кои дотогаш се плашев да ги употребувам. Знаев да кажам ИЗВИНИ и искрено да го помислам тоа. За првпат во мојот живот се врзав силно, и никогаш не почувствував каење поради тоа. Напротив бев благодарна на секој нов ден во кој можам да ја победам болката кога ќе ги здогледам тие две загадочни насмевки кои ми зборуваа дека заедно можеме да поминеме преку се`. Сега сум истата онаа која не верував дека ќе се најде во мојата кожа. Всушност јас не се сменив, само се оформив. Се доловив во онаа форма во која требало да бидам, ја открив онаа смисла во мене за која секогаш длабоко потсвесно размислував преку ноќ. Сега, погледнете ме. Јас викам. Гласот ми е пискав, арогантен. Не си го препознавам. Како многу одамна да беше кога ја заробив оваа карактеристика длабоко од мене. Бесна сум можеби. И гневна. Се трудам да објаснам, мавтам со рацете, ги збирам јаболчниците. Само се трудам да го одбранам сопствениот став кој многу сакаат да ми го згазат. Знам дека вие не спаѓате во нив, но ете. Болката ми излегува над површината и ме претвора повторно во друг човек далеку од мојот хоризонт. Гласот не си го слушам и ми е далечен. Ви викам нешто во смисла да си одите, а во себе молам да останете. Ве уверувам дека можам без вас, а знам дека ќе умрам ако заминете. И уште една ноќ поминува, а јас проклето се плашам од помислата дека ќе ве изгубам. А бидејќи сум личност која воглавно мисли само на себе, најмногу се плашам поради мене. Ако ве изгубам вас, ќе изгубам огромен дел од себеси. Дел без кој нема да можам да функционирам.

-Кристина Цонкинска, 2014




Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..