Три години сум заљубена во ист човек

Три години сум заљубена во ист човек. Три и пол, можда, нема врска. И за него нема врска, дали се денови, месеци или години. Бидејќи тој ги гледа сите други освен мене, има насмевки за сите освен за мене. За него тоа сеедно е. Но, нема да го обвинам. Не е тој виновен што не успеа да ме забележи. Виновна сум можеби и јас. Се криев толку долго време, додека го гледав како со секоја втора девојка станува нешто што никогаш и не беше. Јас го познавав од одамна. Го знаев како наивна личност, добро момче кое има одлични навики и срце за сите. Тоа ме привлече кај него. Неговата добрина и позитивен став кон животот. Насмевката не ја тргнуваше од лицето, се смееше за ситници, чинам никогаш не беше нервозен, потиштен, тажен. Тоа ми ја поттикна желбата да уживам во неговата среќа. Краткотрајно да се радувам. Ми овозможи во меѓувреме да видам како преку ноќ го променија личности кои не вредат. Стана друга личност која ниту самиот не сакаше да биде, и не можеше против себе. Потпадна во други друштвени кругови, ги смени навиките, имаше променливо расположение и високи принципи. Имаше ситуации кога знаев да го погледнам право во очи и во нив да прочитам колку е многу несреќен. Но, тој никогаш не ми даде шанса да ја вратам неговата заразна среќа. Само глумеше дека животот му е совршен. Така и се повлекував, сфаќав дека во неговото срце нема место за мене, се сокривав повторно и го гледав од далечина премолчувајќи ги чувствата кои понекогаш ме надвладуваа. И денес е исто. Јас само се обидувам да продолжам понатаму, да го затемнам едниот дел од мене и да си направам пат со оној кој остана осветлен. Слушам дека има некои девојки, дека запознал нови личности, и само се насмевнувам. Го чувам во душава и никогаш не ми е сеедно поради него, но морам понатаму. Нека ми прости што не успеав да му ја подарам оваа неизмерна љубов тогаш кога му беше најпотребна. Но, повеќе не можам да гледам како мојата љубов натежнува на едната страна на вагата, додека другата стои вечно празна.

-Кристина Цонкинска, 2014

Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..