Каде си тргнала, кукло?
Каде брзаш кукло? Каде си тргнала со толкава вознемиреност? Погледни се, не личиш на себе. Каде е онаа насмевка за милион долари? Каде е она пристојна облека и деталите кои го отсликуваа твојот стил? Ги заборави некаде. Некаде далеку ги остави оставајќи ја и својата гордост. Го паузира сопственото „јас“, за едно туѓо „ти“. Замени се` за едно лажно „ние“. Дозволи некој да ти го поклони светот, но остана без својот. Прифати да немаш ништо, а да го имаш него. Но, дали го имаш? Дали ти припаѓа токму тебе или сеуште се трудиш да му излезеш во пресрет? Трчаш ли сеуште за да го стигнеш во чекор? Се бориш. Се бориш со сите други кои се обидуваат да допрат до него. Се плашиш. Бидејќи знаеш дека тој допира до сите други. Стравуваш. Бидејќи никако да допре до тебе. Тогаш каде си тргнала? Ќе го запреш ли? Ќе те забележи ли тебе, ако не ги забележува другите? Ќе се заљуби ли во тебе ако не постои друга девојка? Избриши го правот, принцеза си. Зарем толку брзо се претвори во слугинка? Зарем заборави колку вредиш поради тоа што една личност никогаш не научи? Застани за миг. Ќе застане ли тој да те чека или немилосрдно ќе го изгубиш секој траг до него? Ќе замине милји далеку без да се сврти назад. Ќе отседне во друго прибежиште, ќе зароби нечија туѓа сенка. А кога ќе сфати дека повеќе те нема, ќе биде залудно да се враќа назад. Никогаш нема да го помине оној пат кој ти го поминуваш за него. Сврти се назад. Нема ли сенки кои те следат? Нема ли луѓе кои те сакаат? Подај ги рацете кон нив. Освојувај светови, дарувај љубов. Биди тоа што си, не се менувај. За некого ќе бидеш капка вода во пустина, зошто сеуште дозволуваш да бидеш само зрно песок во пустината на нечија душа?
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment