Бидејќи ти ветив..
Немав одговор на твоето прашање. Веројатно го знаеше, или сакаше да биде таков каков што го замислуваше. Дури и да те излажев немаше да те предомислам. Затоа само терав инат. Затоа само одбивав да го признаам тој факт бидејќи во секој момент ти давав доказ дека си во право. И во овој момент, додека го пишувам ова, храбро стојам зад себеси и зад своето срце. Храбро стојам зад одлуките и ветувањата. Да се откажам не ми доликува, да навалувам исто така. Вистината е само во моите зборови, во тие кои ти знаеш да ги прочиташ, или можеби никогаш не ги читаш. Еден ден ќе останат само тие, да ја кажат целата вистина. И не е важно што зборуваат луѓето, кога мојата совест зборува посилно од нив. И не е важно колку месеци или денови ќе поминат кога повторно ќе се навратам на тој датум, и на тоа место. Важно ми е дека ќе се навраќаш и ти, кога во некои часови од ноќта ќе го чуеш срцето и прегратката во која ги слушавме меѓусебните срцебиења. Се плашев од себеси. Се плашев и од тебе, се плашев да признаам дека многу ноќи поминав размислувајќи за истата работа, се плашев да не испаднам кукавица кога ќе ги изложам сопствените чувства. Стравував дека најверојатно ќе ме изиграш кога ќе се фатам за твојата рака и нема лесно да се пуштам од неа. Ама јас, само се препуштив на тебе. Јас само сакав да направам сеќавање. Сакав да те имам во мојот живот. Да те имам на овој начин, кога на друг сеуште не ми беше пишано. Сакав да го врежам секој збор изговорен од твоите усни во моето срце и да живеам со тоа. Некако ми беше доволно. Некако можев да се сносам со помислата дека овојпат е вистинско. Нешто што ми ја ежеше кожава ми шепотеше дека твоите усни реално се споија со моите не одделувајќи се од преголемата меѓусебна зависност. Некоја сила ме влечеше кон магијата на твојот лик. Твоите очи сјаеја толку посебно, што се радував од помислата дека го гледам пред себеси мојот омилен поглед како во огледало во кое ги гледам сопствените. Не е лага, исти беа. Ја имаа истата ведрина. Ги имаа истите амбиции. Млади сме, сакавме само да се забавуваме. Сакавме љубовта да нема ништо со тоа. Но, границата беше тенка. Премногу тенка за да моето срце не би поминало преку неа. Гордоста беше на раб и на дно, прокоцканите шанси останаа зад нас, судбината и случајноста беа сплотени како и прстите на нашите раце.
-Нема да бидеш негова, моја ќе бидеш- повторно слушав и како ехо се враќаа зборовите во мојата глава повторно заматувајќи ми го умот. Сега треперев на ветерот не чувствувајќи никаков студ, а црвениот кармин кој плачеше да биде избришан се судри со твојата искрена насмевка која ми ја грееше душава. И да те гледав со часови веројано немаше да се пожалам. Но, тогаш лажев. Лажев и пред тебе и пред себе дека ќе ми биде сеедно ако заминеш и дека нема да те чекам да се вратиш. Остана едно ветување. Ветување кое јас го исполнив. Збор на кој останав и сеуште стојам. Ќе стоиш ли ти на својот збор? Ќе ја погазиш ли гордоста поради љубовта? Ќе ме мислиш ли?
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment