Кога ќе помине оваа бура?
Дождот почна да врне од нигде никаде. Ги
отворив очите и додека сфатив што се случува веќе беше надојден нов бран
кој го избришал стариот. Дури да трепнам повторно се променија капките
за милисекунда и се откажав од обидот да ги врежам во погледот
на моето сценарио. Да имаше подобра споредба, би ја направила. Можеби
имаше, но во овој момент единственото нешто што ме асоцираше на тебе
беше брзината, и промената. Ти беше како овие капки дожд кои навидум беа
исти, а всушност секогаш различни. Ти се променуваше за момент. Во еден
миг чувствуваш радост, во следиот си заробен од тага, а веќе во
наредниот ниту самиот не знаеш што чувствуваш. Јас уште помалку. Кон
мене беше исто. Пет минути ладен како камен, следните две три бев како
единствена девојка во твојот живот, за да во продолжението заборавеше
дека постојам. И така по себе варираше мојата надеж. Се чудев кога ме
прашуваа зошто сум неизвесен песимист кога се работи за тебе. Нели беше
очигледно. Се спремав за најлошото, а го очекував најдоброто. Тогаш беше
празник. Ретко да се надевав на најдоброто. Кај тебе во секое најдобро
имаше една црна точка да го расипува совршенството. Од друга страна пак,
во секој црн круг имаше капка оптимизам кој секогаш ме премислуваше од
откажување. Едно беше по мене очигледно. Твоите игри ме уморуваа како
овој попладневен дожд. Го сакав првите неколку минути, а потоа го
замразував и само се молев да помине оваа бура. Но, дожд како дожд, ќе
си врне. Но, ти како ти во душава ми врнеш. Се сомневам дека ова е само
период. Ова ми изгледа како цела вечност..
-Кристина Цонкинска, 2014

Comments
Post a Comment