Ништо нема да започне одново
Ќе ја завршам нашата приказна со еден збор, а никогаш никој нема да сфати. Никаде, никогаш, никој нема да дознае колку болка содржи ова парче хартија навезано со навидум лесни букви. Нема да сфати колку е тешко ова пенкало кога го поткревам за да пишувам со него. И овие проклети мисли кои не се искажани на начин на кој се помислени. Ќе ставам точка, а срцево ќе ми гори за запирка. Ќе те избришам, а ќе остане трага. Ќе плачам, а солзиве ќе пресушат. И повторно никогаш нема да дознаеш. Никогаш нема да разбереш дека цел живот ти пишувам само тебе. Веројатно и нема да се посомневаш колку си реален во сопствените проценки. Ќе се насмевнеш и ќе речеш:„Оваа девојка не ја повредува ништо, секогаш ја носи онаа нејзина луда насмевка. Ќе помине, таа ќе преболи. Таа е сакана од сите. Само од мене не е. А кој сум јас?“ А ти си тој единствен кој никогаш не ме нарече „твоја“. Има моменти кога срцево ми се кине додека реализирам дека никогаш и не бев дел од твојот живот. Трошев години, трошев петоци и саботи, трошев скапоцени минути и секунди со надеж дека можеби ќе те видам некаде, со надеж дека можеби и ти чекаш да го здогледаш мојот лик. Ама, се` ми беше залудно. Пораснав веќе, не сум клинка за да верувам во моите невини заблуди. Не се сфативме, нашите мислења се разминаа. Нашите чувства се разидоа. Ти сакаше авантура, јас сакав љубов. Ти сакаше девојка за провод, јас те сакав тебе. Јас не бирав кога и каде ќе те имам, за мене најважно беше да те имам. Се надминав себеси. Ги надитрив и гордоста и достоинството. Дури и самодовербата ја потиснав. Вложив се`, а знаев дека ќе изгубам и многу повеќе од тоа се`. Сакав да се убедам дека проблемот е во мене, во мојата личност и мојата свест. Мислев дека криво ги гледам работите кои беа сосем прави. Мислев дека додека стоиш со друга девојка гледајќи ме мене, ми припаѓа светот. Верував дека за едно твое здраво морам да се потрудам, да се докажам пред тебе и пред себеси. Сметав дека треба да го извлечам на виделина она што лежи длабоко во тебе. А како да видам нешто што не постои? Долго размислував и застанав зад себеси. Ја чкртнав последната реченица, за да можам новата да ја започнам со подобар ракопис. Престанав да се прашувам „што би било кога би било?“. Со тебе никогаш и ништо не би било. Да ме сакаше веќе ќе го знаев тоа. Љубовта не знае да молчи, само луѓето знаат. Реакциите ги издаваат. А секоја твоја реакција кон мене беше рамнодушна. Заљубените луѓе се храбри. Тие јасно и гласно изјавуваат љубов. Не меѓу редови, па никако, па некако. Ти беше кукавица. Не дека не успеа да се заљубиш во мене, туку поради тоа што не успеа да ми кажеш дека не си го сторил тоа. Искористи парче од моето срце, доби за момент искрена топла прегратка. Нека те водат во животот. Не ме разбираш, знам. Ќе разбереш кога ќе фрлиш пола од себе во вода, само поради друга полоша половина. Кога упорно ќе правиш место за некој кој не е спремен да остане. Веќе е касно. Доцна е да се враќаме на она што можело да биде, а не беше. Ја затворив оваа корица, нека фаќа прашина некаде. Ако некогаш се сетиш за мене, само заборави. Затвори ги очите и сонувај на ист начин на кој сакавме заедно да сонуваме. Тишината нека те потсети дека си сам и дека животот трча пред тебе. Не се обидувај да вратиш нешто кое е одамна изгубено. Продолжи со истите чекори со кои ме одминуваше додека стоев на патот решена да бидам дел од тебе. Оттурни ме како тогаш, со истата леснотија. И ако се запрашаш зошто, сети се дека повторно ќе се сретнеме. Ќе ти одговорам со поглед, а ќе ми возвратиш со насмевка. Разликата е во тоа што веќе ништо нема да почне одново на тој начин.

Comments
Post a Comment