Бунтовник во моето срце
Не. Нема да кажам овојпат „мислев дека е како сите останати“. Нема да изјавам ниту дека „тој се промени“. Бидејќи немам право да го сторам тоа. Немам дозвола да ја играм таа улога сеуште вовлекувајќи се себеси во еден нереален свет. Единствено нешто што можам да го зборувам, доколку успеам да зборувам на темата од која ми крвари душата, е дека тој остана ист. За среќа или за несреќа, јас го познававав уште од самиот почеток. Дури и пред да се заљубам, ако воопшто постои тој момент, знаев дека тој е од оние типови кои отсекогаш ги презирам. И да го погледнеш сега, ќе сфатиш дека не грешам душа. Ми велеа сите, не викам не. Зборуваа луѓето да се тргнам од тој мангуп кој не знае да чувствува. Ми полнеа мозок и глава со приказни околу неговите хулигански доживувања. И не можам да кажам дека не размислив длабоко пред да му го подарам срцето на дланка. Ама залудно мислење некогаш, кога пусто срце не дава да се двоумиш. Си чука ритмично и си го сокрива неговиот лик во секое ново биење. Ако зборувам искрено, јас го прифатив таков каков што е. Несомнено, никогаш не го гледав со тие очи со кои го гледаа другите. За мене беше само младич кој ужива во својот живот. Бунтовник кој се колне во цигарата, моторот и пивото, иако неговата гола душа е отскриена за секого кој сака да ја прочита. Јас наѕирав во неговата внатрешност. Се трудев со години да ја доловам приказната која го прави оној сјај во неговите очи. Сакав да знам се` за него. Пишував приказни и заблуди, составував песни и милион стихови, а на него не можев да престанам да мислам. И милион луѓе да се околу мене, никогаш нема да го пополнат неговото отсуство. Тој влезе во мојот живот неочекувано. Сосем нестварно и нелогично, што во самиот момент не верував на своите очи дека можеби некогаш ќе биде дел од мојот живот на овој или на оној начин. Тој дојде за со себе да ми донеси илјада непроспиени ноќи и каења, затропа на мојот праг со безброј лажни ветувања и средби кои никогаш не се исполнија. Ме гледаше со цинична насмевка како полека потпаѓам под негово влијание и беше задоволен поради тоа. Сакаше да ме направи негова кукла со која може да си поигра кога другите барбики му стануваа досадни. Јас доволно добро го знаев тоа. Го знаев тоа уште од самиот почеток кога влета со брзина на светлината и се нафрли над мојата силуета со став на безобразен никаквец. Тој немаше потреба да глуми нешто што не е. Беше свесен дека доволно е да биде реален, за да биде вистински. И никогаш не погреши. Веројатно да влезеше во улогата на лигав и џентлменски тип, никогаш немаше да ми значи на овој начин. А сега ми значи повеќе од што претпоставував. Ми значи повеќе од било што на светот. И не дека сега бев среќна. Го пуштив да замине. Не беше тој навикнат да стои на едно место. Го оставив да го продолжува својот развратен животен пат кој сам го креираше на неверојатно совесен начин. Го гледам сеуште и го исполнувам срцево од среќа кога дознавам дека некаде таму ја слушнале неговата гласна смеа. Ја затворам вратата и молчам со часови. Ќе помине таа експлозија, само треба малку време. Потоа се` ќе се избрише. Потоа новиот ден го скрива секој траг за него. Јас мора да продолжам сама да чекорам носејќи го во душата мојот бунтовник којшто едвај чекам да го здогледам низ оваа толпа обични луѓе.
Comments
Post a Comment