Го сакам, па што?
„Чекај ме, доаѓам.“-рече и ја спушти слушалката.
Како да не го знам, секогаш сакаше неговиот збор да биде последен, да биде по негово. Останав следните две минути закована во место чудејќи се што да правам со себеси. Ако останам, уште еднаш ќе се изгорам. Ако заминам, криво ќе ми биде и никогаш нема да дознаам. Ама идиотот беше побрз и од мојот проклет памет оваа ноќ. Се втурна низ вратата како разбојник, ме огреа со широка насмевка, а јас веќе занемев. Нормално дека не можев да одолеам повторно на тој негов шарм кој ме маѓепсуваше секојпат одново и одново, ама се правев дека веќе ми е доволно, дека овојпат стварно ми е доста од тие глупави игри.
„Си одам, остави ме!“-неуморно извикував не гледајќи го во крупните очи кои подбивно и заводливо ми се смешкаа.
-Јас тебе? Никогаш.
-Никогаш? Дали ти воопшто си со мене? Дали некогаш воопшто си бил?
„Хм, остави ме да се сетам“- провокативно ги збрчка образите во обид да не излезе ужасната смеа насобрана во него.
-Идиот! Идиот! Тргни се и ослободи ми го патот!!
Веќе пристискав луто на неговите гради додека целосно треперев да не се предадам во неговата прегратка. Не знам која беше причината, но сигурно ја знаев последицата. Не бев свесна како може толку многу да ме лути кога не го сакам, а во исто време и не сфаќав ниту како е можно да не го сакам после се`.
„Гледаш дека ме сакаш?“-рече како да ми чита мисли додека ежејќи ме со нежниот здив поминуваше долж мојот врат.
„Не“-излажав уште еднаш и посакав никогаш да не се оддалечам од оваа опасна близина.
„Ама ме сакаш“- ги прибра неговите усни на милиметар од моите, а јас веќе изгубив рамнотежа.
Целата треперев, а толку многу имав да зборувам. Молчев како срна пред лав, иако безброј реплики спремав за да му докажам дека може да го доживее најладниот крај. Па, го сакам. И што? Му ги сакам и очите, и усните, и насмевката и карактерот. И идиотот во него, и бунтовникот во него.
Ги побара моите раце сокриени некаде позади грбот и ги испреплете со неговите топли прсти. Сега беше повеќе од сигурно дека нема каде да бегам. Го сакам, па што? -си реков и го приближив доволно блиску за да ми припаѓа повторно.
-Кристина Цонкинска, 2015
Comments
Post a Comment