Пролет? Време за љубов?
Беше април чинам. Пролет, рана-доцна, како да кажам. Во срцевината на ова годишно време. И не дека не знам кој датум и кое место беше, само одлучив да ги прескокнам тие детали. Некои датуми треба да останат запомнети само во меморијата на срцето. Тоа беше ден кога се промени моето се`. Или подобро речено, моето ништо стана се`. Одеднаш, се` во мојот живот доби некаква смисла, секоја форма на светот доби посебен сјај. И сигурно тој сјај не доаѓаше од сонцето, напротив не постоеше никаде другде освен во мојот поглед. Поглед кој кога од далечина умееше да се спои со еден друг сличен пар на очи создаваше незапирлива магија. Некој дел во мене се разбуди. Некој дел кој до неодамна врескаше дека никогаш повторно нема да се заљуби. Но, лага е дека повторно се заљубив, бидејќи откако почнав да се чувствувам на тој начин, сфатив дека е залудно е да се прават споредби. Во мојата глава владееше тотален хаос од измешани мисли, а јас бев среќна поради тоа. Со часови седев и размислував се додека повторно не дојдеше тој ист бран за да ме покрие. Во тие моменти знаев дека ќе потонам. . Но, во тој поглед уште подлабоко тонев. Наоѓав еден вид на инспирација, мотив за да продолжам, двигател кој ме тераше да ја извлечам својата подобра страна- да се покажам во подобро светло. Кога и ден денес би ме прашале дали би пробала, сеуште мојот одговор би бил ист. Ист како и таа една вечер кога два потполно различни светови се споија и создадоа еден незаменлив. Ќе лажам ако кажам дека не се стопив во прегратката на таа душа слична на мојата, ќе лажам доколку не признаам дека во тој час сфатив дека не би сакала да се наоѓам на ниедно друго место. И не би жалела доколку цел живот го поминам стоејќи на таа крстосница додека тој ме држи за рака.
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment