Тие и` се смееја зад грб, таа им се смееше во лице
Таа не живееше за да им се допадне на другите, можеби и токму поради тоа не им се допаѓаше. Беше своја и единствена, посебна и различна. Девојка која гласно го искажува своето мислење и знае да сослуша сечие туѓо. Знаеше да биде луда и незаменлива, таинствена и горда, успешна достоиствена дама со порцеланска насмевка и сјај во големите зелени очи. Од другата страна сокриваше едно наивно кротко лице со благи црти и мека душа, повреден скршен поглед со недоверба и страв кон луѓето. Таа нив им сметаше. Им пречеше начинот на кој се носи, стилот кој ја прави уникатна, движењето на нејзиното тело кое ја создава нејзината несовршеност. Таа знаеше дека никогаш нема да биде совршена. Го прифати тој факт како начин на својот живот. Се одлучи да верува дека најдобро е да остане таква и да не се менува. Најважно и` беше да не ги повредува оние кои ги сака најмногу, да внесува благост во нивните срца и насмевки на топлите лица. Но, некогаш и тоа не и` успеваше. Сакајќи да донесе среќа, се унесреќуваше самата себеси. Мислеше дека целото добро што го прави и` се враќа со лошо врз нејзина глава. Сакаше само да биде прифатена, а често беше поинаку сфаќана. Неретко нејзините намери беа сметани за зли, а нејзината суета кршена како тенко стакло. Сепак, поминуваше преку се`. Таа беше толку успешна, а со премала самодоверба. Секогаш се обвинуваше за се`, а можеби така навикна бидејќи секогаш беше обвинета. Знаеше да премолчи, многу зборови да проголта и стравот да го покрие со храброста. Тие зборуваа дека е поинаква, а свесни беа дека никогаш нема да бидат како неа. Тие сите беа исти. Истите тие кои и` се смееја зад грб, направија таа да им се смее во лице. Си вети дека никогаш повеќе нема да дозволи друг да ја креира нејзината животна филозофија. И да се обидат, никогаш нема да ја сфатат. Нивното ниво веројатно беше премногу ниско за да го дофатат нејзиниот хоризонт кој се простираше далеку позади нивните видикови линии.
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment