Не сме повеќе заедно


„Не сме повеќе заедно“- заѕвечка вистината со болен призвук насетувајќи ја нерамнодушноста во мојот глас. „Друга има тој, и јас имам друг покрај мене. Се` е готово, одамна заврши, дури уште пред да се сетам кога започнало. Тој ми го разубави и уништи животот во исто време. Јас го оставав и му се враќав илјадници пати. Но, не грижете се. Она што ние го имавме беше доволно силно за да постоиме вечно сплотени во меѓусебните мисли. Тоа поглавје од судбината кое го напишавме со испреплетени прсти ќе остане ремек-дело на една болна и вистинска љубов. Да не беше болна, веројатно немаше да биде вистинска. Вака остана запаметена, и никогаш неизбришлива. И не дека љубовта си заминала, туку заминавме ние. Се разделивме како двајца погрешни, а не бевме никогаш. Трагот од неговиот допир се` уште го чувствувам на мојата кожа како лузна која не сакам да заздрави, раните на моите усни крварат понекогаш како да врескаат дека не сакам да ги закрпам со туѓи бакнежи од страв дека ниеден друг нема да го замени него. И како што минува времето, како што се појавуваат нови и заминуваат стари, се повеќе се убедувам дека нема да најдам некој налик него. Времето продолжува да ме брка, а јас се надевам дека ќе биде подобро. Веќе е подобро. Се прашувам понекогаш додека долго седам сама во својата соба дали се конечно среќни луѓето кои создадоа јаз помеѓу нашите судбини, или само се во потрага на нови жртви кои ќе подлегнат на гордоста. Ми го зедоа од раце, а јас се тргнав како неспособна за борба. Се откажав предвреме од страв да не бидам ранета. А многу повеќе се ранив на тој начин. Двајцата преживеавме смртни убоди, и сега со заздравени срца и чист разум останавме инвалиди во душата. Останавме заробени еден крај друг, иако вечно еден без друг.“
„Никогаш нема да ти се вратам..“- една солза се слеа надолу по мојот образ. Сфатив дека се` поминало и ја зашив со насмевка.... „Никогаш повеќе под ова небо“.

-Кристина Цонкинска, 2015



Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..