Тој никогаш не ја заборави
Тој се чувствуваше виновен бидејќи сметаше дека таа нема никогаш да го заборави. Затоа стана најголемото ѓубре и ја истера од себеси. Ја згази како веќе употребен лист хартија и ја остави во буништето на спомени во неговата душа.Мислеше дека така ќе биде подобро за неа, така ќе направи да го мрази и презира. Во инат негов ќе се издигне, ќе успее. Тој беше убеден дека е рамнодушен кога станува збор за неа. Знаеше дека може да ја отфрли како и никогаш да не била дел од неговиот живот. Сакаше да биде херој дури и кога ја завршува битката со уништување на невина душа. Сакаше да ја закрпи болката со нанесување на една уште поголема. Мислеше дека болката се избива со болка, па удираше во сржта. Кога стана неподнослив и се задоволи со егото дека е доволно лош за да припаѓа некому, замина да го собере данокот на љубов кој останал во неговата запустена ќелија од која често бегаше само за да не мора да се соочи со правот кој останува после сечие заминување. Додека се трудеше да ја исчисти пепелта која остана после огромниот жар на љубов кој го добиваше од неа, таа веќе продолжи понатаму. Тогаш веќе престана да ја сожалува неа, а почна да ја мрази и презира. Почна да се сожалува себеси, затоа што сфати дека тој е оној кој нема никогаш да ја заборави.
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment