Кој како си ја „наредил“
О, драг пријателе. Дали ти изгледа како да пати? Мене воопшто. Посреќна е од било кога, насмевката ја носи на себе како никогаш претходно. Се облекла во бело, посебно блеска во таа облека иако и секоја друга боја одлично и` стои. Го пие нејзиното омилено кафе, овојпат ладно и горко. Опкружена е со нови луѓе, таа зрачи во толпата. Зарем не ти паѓа прва во очи? Зарем можеш да поверуваш дека некогаш ја имаше? Ајде, оди кажи им. Ќе ти веруваат ли? Ќе поверува ли некој дека само со два збора си можел да ја направиш засекогаш своја? Со тие два зборови кои никогаш не и` ги кажа, од гордост, од инат, од пуста љубомора и висока суета која сакаше да ја потхрануваш. Ете ти го сега. Други слушам трошеле илјадници зборови само за да добијат една нејзина насмевка, топол поглед и трошка внимание. Ти сето го имаше на тацна, а ја скрши. Џабе сега и лепење, кога таа одамна ги собра своите делови и замина далеку од твојот живот. Што ќе ти помогнат приказните дека те сакала, кога тоа го кажуваш во минато време? Што ќе ти вреди да пробуваш да ја оцрниш, кога таа одлично изгледа и во црно? Ти спакувај си ги куферите и бегај назад. Врати се кај оние девојки кои наскоро ќе сфатиш дека не и биле ни до половина. Имаш повратни карти кај секоја од нив. Или пак го сакаш само невозможното? Со тие карти не се игра долго. Не е таа пион кој чека да стаса на ред во гужвата од евтина роба. Таа е девојка која ја знае својата вредност, сега плаќај си сам. На коцка не се става љубов по која ќе жалиш. Кај остануваш без неа, кај никогаш нема да имаш шанса да ја вратиш. И најмногу ќе ти биде мака што ќе ја добие некој посреќен, некој попаметен од тебе ќе ти ја мафта пред очи чисто да видиш што си загубил. Тогаш немој да бараш ѕид за да си ја удриш главата, оти таа реплика постојано ќе ти се враќа. Кога и да пробаш да стигнеш до неа ќе се удираш во тој ист ѕид што го постави сам кога таа беше спремна да го изгради заедно со тебе. Па што да ти речам? Кој како си ја „наредил“.

Comments
Post a Comment