Играта заврши!

Следниот пат кога ќе ме погледнеш во очи и ќе сфатиш дека се’ завршило, немој да ми бараш образложенија. Ме знаеш. Не сакам објаснувања, изговори и лигави оправдувања. Сигурно нема да застанам за во фаца да ти ги положам сопствените грешки за кои си свесен и повеќе од што треба. Само да прашаш, ради- реда. Да не испадне „си замина дечково без збор“. Не се мачи воопшто. Добро го знаеш она затишје во мене после кое следува бура. Доволно сум паметна за да сфатам каде не припаѓам. Мудра за да заминам пред да бидам напуштена. Созреав за да знам кој би ме држел за рака, а кој на дланка. Кој би ме оставил, а кој би ме измамил. Тебе не знам во кои да те сместам. Ти си оној неуморлив играч кој самиот не умее да распознае што му прави ќеф, а што гнев. Знам дека заборави, оној ден точно ти потенцирав: со мене не се почнува игра, бидејќи нема да ти се верува во сопствените очи на кој начин знам да ја завршам. Затоа, последното правило на играта е без прашања. Ослободи ми го патот да поминам, а потоа остани огорчен од слаткиот пораз. Кога ќе ми стане сеедно, веќе е доцна да смислуваш нови потези, драги. А старите, многу добро ти ги имам совладано!


-Кристина Цонкинска, 2014


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..