Од другата страна се` е поразлично
Гледав долго време низ одамна затворената врата, ѕиркав, наслушував чекајќи еден единствен звук, крик, постоење, трага. Не пронајдов ништо. Бравата ја беше заклучила мојата гордост, а клучот го смести онаму каде што успеа да остане недостапен за моите желби. Толку рамно на невозможно беше продирањето кон другата страна. Тоа бев повеќе јас, отколку некој друг. Таму спиеше мојата темнина и се будеше пред зори потсетувајќи ме дека и овој сон нема да помине без длабоко сокриените копнежи во тунелите на безнадежноста. Веќе заборавав да чекорам кон таа насока. Знаев дека два-три чекори ќе ме вратат назад во реалноста и повторно ќе се плашам од ноќта. Ќе ја довикувам да ја обвие мојата постела и да ми прошепоти дека тој некаде е среќен, колку за да можам и јас да бидам. Ќе ги склопувам очите по којзнае кој пат молејќи се утредента да не ме разбуди истата помисла. И ќе се будам сфаќајќи дека уште долго ќе додава таа болка тажна нијанса на новото утро. Затоа, мразев да се менувам заедно со времињата. Со сите тие промени, само тој остануваше на исто скалило во хиерархијата на скршените тајни кои оживуваат низ страниците од некои стари мемоари. Го милував понежно, не плашејќи се дека ќе ме скрши, не стравувајќи дека ќе ме повреди.. затоа што нема да се врати. Го гушкав посилно, бидејќи знаев дека припаѓа на друга. Го чував како да ми припаѓа, во ковчегот од најранливи изобилства. Само таму беше засекогаш мој, недопрен од туѓи раце на несреќата, посветен и целосно предаден. На тоа место се навраќав за да не се плашам да го сакам како некогаш.. Заспивав на неговото рамо и тогаш кога ангелите чувари се откажуваа од својата должност.
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment