Премногу добро за да биде реално
Немирните езерски бранови ја мрсеја мојата полупуштена коса, галјеќи ги прамените и внесувајќи нов тон на студенило кое ми ја ежеше кожата. Небото ја беше завртело својата најлична страна, и како рамка на прекрасната фотографија ги сочувуваше најубавите сочни детали на крајбрежниот пејсаж. Ми ја смрзна крвта еден допир кон близината на моите бедра, а ја зовре длабочината во моето срце. Пулсот паузираше чинам за секунда, додека ротирајќи се` пробував да најдам начин да се соочам со она што навидум стоеше позади мене. Познат допир. Навикнат парфем. Мојата омилена нота на ѓумбир зачинета со обвивка на кашмир. И повторен стисок во паузата помеѓу дишењето. Ритам на срце кој пулсира еднакво некаде меѓу границите на тивката вода и гласниот одек на некое одамнешно дежа-ву кое ги запира мислите и се поистоветува со чувствата. Се свртев и знаев дека ќе се пресечам. Моите зеници го фокусираа баш оној лик по кој истовремено копнеев и идентично го мразев. Тој не се смееше. Се појави со наполно сериозен израз којшто сака да каже нешто неискажливо со милион зборови. Не знам дали бев воопшто толку способна кога станува збор за него, но бев сигурна дека можам да прочитам нешто толку јасно во тој поглед. Се` прочитав! Само не трепнав. Го гледав чудејќи се дали сонот господари со моето парализрано тело или реалноста беше скроила приказна од искршениот мозаик на на мојата подобра половина. „Премногу добро за да биде реално!“ Да премногу добро... Ама реално. Не бев јас навикната да гледам такви сценарија, не беа за мене тие среќни краеви. Не е се` добро кога добро ќе се заврши. Камо да завршеше тогаш кога помислив дека никогаш нема да се повтори. Тие фреквенции беснееја за повторно да создадат мелодија. Барем уште еднаш. Само уште еден тон додаден во искинатата и одамна празна нотна тетратка. Капките вода се лееја по неговото лице, а јас знаев дека сум негова. Никогаш не престанав да бидам, проклетство. Години поминуваа, а секое лето јас бев иста. Во исто време, на исто место сончевите зраци илустрираа вечност чијшто временски јаз секогаш наоѓаше начин да се испреплете со нови петни жили. „Кој би рекол дека судбината се` уште не` има во план? Кој би рекол дека ќе не` натера лесно да ја прифатиме улогата во нејзините нечесни игри?“
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment