А што ако не се бориш за својот сон?
Огледалото веќе одамна мојот одраз го пренасочува во некои други времиња. Некои таканаречени „иднини“. „Идат“, доаѓаат.. И јас стојам и се гледам. Така препуштено, така незаинтересирано и без волја за борба. Ми се менува оделото, ликот можеби ист, малку со посериозен тон во главните црти. Ќе биде некој ден. Можеби ќе ја облечам таа униформа..Можеби и мојата пријателка од соседството ќе стане балерина. Веројатно и сестра ми ќе биде учителка на моите деца.. Ќе бидеме сите. „Ако даде Бог“-знаеме да речеме.. „Ако судбината сака“.. А времето тече, а желбите стануваат сè понедостижни. Или тие си се достижни, само ние свесно се оддалечуваме од нив.Забораваме и да сонуваме. Не се сонува со получасовно спиење. Таму соништата не постојат, тогаш сè уште се недооформени.. Со што ги заменивме нашите мечти?
Нереален свет, глобализација, виртуелност.. Чинам секој ден доаѓа први април и ни наметнува маски на различни улоги. И свесно си ги прифаќаме. А што е со вредностите? Ќе бидеме сè. И доктори, и фармацевти. Ќе има и такви кои ќе купат диплома, ќе купат љубов.. Ќе се продадат себеси, а некој ќе купи туѓа индивидуалност. Но каде ќе го најдеме човештвото? Дали тоа се продава на пазар? Дали оној што посегне да го продаде сè уште ќе смета дека го има во себе?
Не заборавајте, сè ќе можеме да бидеме, само луѓе нема да можеме. Ама ништо нема да ни биде повеќе потребно од тоа.
Зар има нешто подобро од цврсто стегната рака во невоља? Зар постои надеж кога насекаде околу тебе ти ја рушат како кула од карти? Зар можеш да се смееш гледајќи како некој рони солзи? Кое богатство ќе ти е потребно тогаш кога ќе купиш сè, а нема да имаш што да подариш? Ќе продаваш ли тогаш на луѓе кои не можат да купат ништо повеќе од сопствениот грев? Ќе бидеш човек тогаш? Ќе сонуваш ли? Ќе се бориш ли за оние кои мораат да молчат?
Ќе викаш. Да. Гласно. И уште погласно. Ама проблемот тука е што никој нема да те слуша. И тие што ќе слушнат ќе се прават полуглуви. Ќе се покриеш и ќе молчиш. Ќе живееш без визија, бесцелно ќе талкаш.. Само да се изоди тој пат.
И што си постигнал? Која градба остана цврста и целосна назад зад тие чекори? Пустина и прав. Суша без знаци на живот. Почва каде секое твое насадено цвеќе свенува после неколку утра. Доцна ќе сфатиш. Ќе сакаш да се бориш тогаш кога нема да имаш сила, но залудно штом не си се борел тогаш кога си ја имал најголемата.

Comments
Post a Comment