Таа беше ремек дело, а јас никогаш не научив да сликам
„Таа беше ремек-дело, а јас никогаш не научив да сликам. Секоја нијанса нанесена од моите немарливи раце ги менуваше цртите на совршено создадениот лик. И покрај сè таа дозволуваше јас да бидам уметникот кој среќата ја брои во грамови и скржаво ја крие под пазувите на сопствените гордости. Понекогаш додека се трудев да го нацртам сјајот во нејзините очи, бојата умееше да се слее претопувајќи се во солзи. Срцето ме болеше, да признаам, гледајќи колку свесно уништувам скапоцен дар кој треба да биде најпретпазливо сочуван. Сакав да ја гледам таа слика која го красеше мојот идентитет накитувајќи ме со безброј епитети. На тој начин моето его бескрајно се исполнуваше, што чувствата забораваа дека воопшто се наоѓаат некаде во длабинските празнини на мојата чудесна внатрешност. Отсекогаш бев перфекционист, а сега за првпат ми припаѓаше нешто толку перфектно. Веројатно и бев толку заслепен од сопственото задоволство додека ја гледав, што заборавав дека треба да ја заштитам. Таа се кршеше, а јас бев причината за тоа. Јас само го собирав она што останало, ги добивав трошките на љубов кои догоруваа со последниот жар во пепелникот на мојата душа. Секој ден ме боцкаа, како трн во очите ме надразнуваа молејќи ме да внесам топлина онаму каде студенилото косеше сè пред себе не оставајќи траг од безвременскиот идиличен пејсаж на исконската љубов. Но, тоа не бев јас. Јас не знаев да сакам, а најмалку неа. Се каев и се обвинував во ноќите, а секој почеток на денот ме обвиваше во страв кој беше штит за најубавите нешта кои свесно ги испуштав од дланките. Немоќта ги надвладуваше зборовите кои сакав да ги изговорам и гласната тишина која сакав да ја прочитам. Еден ден застанав во аголот посакувајќи уште еднаш да се восхитам на мојата подобра половина прикачена на ѕидот. Неа је немаше таму, сè се беше сторило пепел и прав, сивило обвиено во тажните ноти на меланхоличната мелодија која сам ја компонирав. Не знам зошто, ама не бев несреќен. Убавината побегна од мене. Таа беше уништена, ама сигурно ќе ги закрпи своите рани. Сигурно постои подобар уметник од мене кој ќе наслика среќа онаму каде јас сликав тага. Бидејќи таа е ремек-дело. А мојата галерија е претесна за да ги издржи хоризонтите во кои се простира болката која следува после љубовта.“
-Кристина Цонкинска, 2015

Comments
Post a Comment