Нескршлива!
Долгите коси ги беше распуштила на ветерот и секој прамен како симбол кој ја отцртува нејзината болка натежнуваше над кроткото немоќно тело. Сјајот се беше отсликал, од сонцето, од небото, од далечините, од рефлексијата кон нејзиниот поглед кој беше го собрал секој детал од небесниот свод. Рацете и` беа склопени, час за молитва, час за среќа, вечност за тага од непребол кон битките изгубени. Уморна беше одамна, а никогаш побудна не била. Борбена беше сè уште, а никогаш послаба не се чувствувала. Стоеше гледајќи горе, очекувајќи дождот повторно да паѓа, да нападне од сите страни, онака како што секогаш знаеше да прави, да врне без да запре, да ја накисне повторно и да ја остави сама. И стапките нејзини ги одбројуваа деновите во кои газеше во пустината на сопствената душа. Неколку камчиња само расфрлани од врелата песок, ниеден дијамант, ниеден скапоцен камен кој може да го сочува како амајлија за трајна среќа. Повеќе не чекореше од љубопитност, тие желби одамна ги згаси со пламенот на дивиот оган кој гореше во неа. Сега чинам чекореше само бидејќи мора, само бидејќи нејзината привидна среќа може да усреќи уште десеттина лица кои цврсто ги стегаа нејзините дланки. Заради нив не се предаваше, можеби. И тие згаснуваа. Градите ја стегаа гледајќи како ја напуштаат. Некогаш и` беа сè, некогаш спомени создаваа. Сега само спомени останаа. Патишта трнливи над маглата се издигаа. Неизвесноста седеше на нивниот пиедестал. Ќе успее ли? Ќе бидат ли доволно силни нејзните раце за повторно цврсто да прегрнуваат? Ќе бидат ли доволно нежни за да не` го уништат сето она што претходно неа ја уништило? Слики пред нејзините очи се појавуваа како во филм, како на платно редејќи се без публика, без аплауз. Столиците на нејзината претстава се празнеја, остануваа само сцените да се повторуваат. Остануваше со склопени раце да биде губитник во канџите на суровиот живот, а сепак да му се противи, пргаво да се бори за воздишка, да биде предатор, наместо жртва. Уште еден бран се спротистави на напливот на брзакот кој немилосрдно носеше сè пред себе. Ги подаде рацете за да ја испушти несреќата, за одново да почне, да заборави. Водата го уништи тој слој, го зеде со себе носејќи го во далечините. Сега беше чекор подалеку од тоа тонење. Знаеше дека има ноќи кои безмалку ја тераа да се врати и да потоне. Додека така отсутно ги гледаше ѕвездите со заматен поглед, посакуваше да стане нивна пријателка, да одлута во други светови само за да добие една прегратка. Да ја добие таа сила што друг не можеше да и` ја подари, па да се врати. Потоа се сети, таа прегратка ја носеше со себе каде и да оди, што и да прави таа топлина го грееше нејзиното тело. И едно ветување кое и` беше ѕвезда водилка во бессоните ноќи. Таа знаеше дека животот не се состои од илузии, а додека живее надвор од сегашноста, никогаш нема да стане дел од неа. Таа реши својата битка да ја продолжи. Беше сигурна дека додека нејзината сила се зголемува, препреките стануваат невидливи силуети пред нејзините цврсти чекори.
-Со посвета за една моја драгоцена личност, другарка, сестра, поддршка, гордост, моја подобра половина..Те сакам <3

Comments
Post a Comment