Странец со познат парфем

Го сретнав токму тогаш кога помислив дека веќе сум го заборавила. Беше сменет и туѓ. Беше сè уште мој. Беше бескрајно туѓ со моја насмевка. Беше странец со познат парфем. Беше најмил, а несуден. Го сретнав и знаев дека после таа средба, заборавот никогаш веќе нема да ми мириса на него. Го одминав, а знаев дека ќе се свртам пак по него и ова тука нема да заврши. Го гледав како виновна, а бев најкротна и најневина. Ме гледаше меѓу трепки како да сакаше да ми се извини, како да сакаше да му простам бидејќи друга љуби. Како да сакаше во солзи да ми каже дека е доцна, дека повеќе никогаш нема да биде мој. Го гледав како да го знам сето тоа. Без тронка суета, со детски очи, велев дека сум спремна. Спремна сè да му простам, само за една прегратка. Ја стегна мојата дланка, и лесна воздишка проструи низ моите растреперени усни.
„-Беше најмил и проклет. Беше туѓ и те сретнав после толку години. Беше тој кој го уништи мојот живот, а истовремено тој без кого животот ме уништи мене. Ти припаѓаше универзумот, а без тебе тонев во неговите темнини. Секој ден копнеев за тебе, а да патиш сакав. Да те победам тебе сакав, ама љубовта ме победи мене. Како кршлива срна паднав во твоите силни раце. Се скршив по којзнае кој пат, а се чувствував целосна после којзнае колку време. Ми шепотеше на уво, а јас се ежев. Јас, да избегам сакав. Да те земам со мене и само мој да останеш. Да те оттурнам сакав. Да те огорчам. Да те казнам бидејќи ме осуди на доживотна болка. Те впивав длабоко под кожа. Тогаш знам, дека дури и да умрев во твојата прегратка ќе бев среќна.“
„-Ама, туѓ си. Нејзин си и оди си. Замини бидејќи тоа е твојата најјака страна. Замини и никому ни збор за нас. Никому ни солза за мене. Таа нека те опива со бакнежи. Таа нека ти гужва постела. Таа нека ти биде сè она што јас не ти бев. “
Истрчав со насмевка, а горката болка во грлото ме пецкаше велејќи дека без него не ќе можам. Ќе можам, кој би рекол дека не? Ноќта и без месечина ќе падне, ама дали ќе биде иста?

-Кристина Цонкинска, 2015


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..