Лоша девојка и добро момче?
Туку да, заборавив. Ти беше клошар и неранимајко. Ти беше срцекршач и женкар. Ти беше горд и идиот. Ти направи сè друго, само мене не ме задржа. Браво. Сега ти аплаудирам од публиката на сопствената заздравена суета. Ти си замина како никогаш да нема да се покаеш за тоа. Ти ме остави и навистина не се каеше. Тебе друга во прегратки ти падна. Нели среќен беше? Нели ја најде љубовта на својот живот? Нели пред мене поминуваше со неа?
Невидлива бев. Добра бев. Плачев горко во себе, ама среќен сакав да бидеш. Ниеднаш не те поздравив. Никогаш со скриен не ти заѕвонив. Во чекор никогаш не ти се вмешав. Сакав да видам до кај ќе одиш. Сакам да видам до каде ќе тераш, сега.
Отпрво се зачудив зашто ме побара. Помислив дека можеби автомобилот ми е паркиран пред твојот, па не можеш да излезеш. После, сфатив. Ти си се заглавил. Ти сега не можеш да излезеш од кашата во која до гуша си влегол. Те оставила твојата нова мала. Каква храброст, човече. Дури и тоа ми го признаваш. Секоја чест.
Палам цигара и како туѓинец те гледам со искри на лутина во моите очи. Ти да бидеш оставен? Ти лошото момче со добра цура? Ти да бидеш шутнат? Просто неверојатно. Турам од вотката и без да те понудам гледам некаде во далечините на хоризонтот на бескрајнот езеро.
-Што ме бараш сега тука во овој град? Сакаш спомени да ми вратиш бидејќи сум слаба на нив?
-Не, сакам само да те потсетам дека за мене ти си неизбришлив спомен кој сакам да то обновам.
-Да го обновиш? Ај, нацртај цртеж, другар. Цртај го претпазливо, внимателно. Цртај го како што јас ја цртав скицата на нашата љубов. Бриши ги недостатоците, бриши ги оние работи кои од линија излегуваат. Заврши го. Потоа гледај го. Радувај му се како што јас му се радував. А сега, земи ги боичките. Измешај црвена со бела, сина со жолта. Нанеси пурпурна. Езерото насликај го. Насмевките насликај ги. Доврши го во фантазиите. Мечтај за него. После нека дојде некоја глупачка, како тебе. Нека истури чаша вода преку цел. Нека се распарчи. Нека се раскине. Нека не може да се исуши. Ветришта нека го однесат. Обнови го сега. Обнови да те видам.
-Јас, јас само сакав да се извинам што така излезе. Јас, само сакав да бидеш моја.
-Твоја сега само во соништата. Твоја бев, ама никогаш не бев ОНА вистински твоја. Бев добра, а ти лош. Кругот се сврте. Лоша девојка и добро момче- зарем не си ја видел таа комбинација?
Нема ниту да ја видиш. Заборави, јас и ти никогаш веќе нема да се комбинираме.
-Кристина Цонкинска, 2015
Comments
Post a Comment