Без ветувања!

Те имав без да знам дека те имам. Те немав и сфатив дека никогаш не сум те ни имала. Те изгубив без да сфатам дека некогаш беше мој. Не сум тажна, погледни длабоко како некогаш во мојот изгубен поглед. Јас навикнав луѓето да ги губам. Очекував да се слизнеш од моите раце, уште пред цврсто да ја стегнам твојата дланка.

„Барем еднаш да се јавеше“- помислував себично, а набрзо реалноста како крпа ги бришеше моите лажни надежи. Туѓ си. За мене само странец со убави сеќавања кои знаат да болат и посилно од ова. „Каде одиш, чиј странец си оваа вечер? Ги паметиш ли моите зборови?“ Се сеќаваш на погледите доцна во ноќта кога замина и избриша сè од мене? Само ветерот немирен кога остана да ги мрси моите коси растурени од твоите раце, само парфемот остана твој на мојата кожа како амајлија која ветува дека ќе се вратиш. Без ветувања, ми рече. Без надежи, ме опомена, а јас немоќна да се справам. Јас, не сакав да верувам дека не верувам во тебе. Јас сакав да лажеш. Сакав да ме сакаш и тоа да не го признаваш. Таа твоја искреност ме гушеше. Виновна бев. Ми викаше дека никогаш нема да бидеме заедно, а јас се трудев. Јас се трудев да те натерам да веруваш во љубов. Ти веруваше во љубов, но за тебе љубовта беше друг лик. Ти во мене не ја гледаше таа фотографија која фаќаше прашина на полицата од твоето срце. Јас ти се потпишував на градите, а жигот на твоето срце носеше туѓо име. Понекогаш и мене ме боцкаше проткаена со тишината меѓу нас која знаеше да  ни биде најголем непријател. Сакав против сите да се борам. Но, едно беа желбите, а друго можностите. Без ветувања, одлучив да те имам, без ветување дека утредента повторно ќе те видам. Ја прифатив твојата игра, мислејќи дека ќе победам без да ти кажам дека те сакам. И победив. Никогаш не ти ги изговорив тие зборови од кои срцето ми се корнеше. Аме, не знаев да играм, признавам. Знаев само за топли погледи, искрени прегратки, на тага скротувачи. Не бев јас научена да играм со мојата рамнодушност. Ме болеа мене тие ладни раце, тие очи пламени, ме гушеа зборовите без зборови, утрата без тебе, деновите избројани. Ми се смачи да ми бидеш странец, а да ми бидеш сè. Да ме одминуваш кога ми требаш највеќе. Заборавив колку заслужувам, запамтив само како добивам. Ми беше доволно. Од тебе и еден случаен поглед ми беше доволен. Повторно се излажав. И овојпат среќата ја барав на погрешна адреса. Предалеку заминав. Бев исцрпена за да се враќам, а во твоето срце за две немаше место. Заминував и без назад да се свртам среќата ја проколнував. Се колнев пред Бога дека повеќе под кожа нема да ми влегува. А силен дожд моите траги ги избриша. Ни трага, ни глас од мене веќе. Ни тишина, ни солза, ни бура, ни невреме. Никогаш твоја, а мој засекогаш..

-Кристина Цонкинска, 2015


Comments

Popular posts from this blog

Не се плаши да изгубиш погрешни луѓе!

„Љубов“ те потпишав

Ако јас сум прашање, измисли одговор..