Ако треба да заминеш ..
Ама, нели, она од што се плашиш најбрзо те стигнува. И дури си трепнал ќе сфатиш дека си гол до коска и душата некој ти ја соблекол како стара марама околу вратот. Ти ја соголел и сега си како книга прочитана која не зборува ништо. Сакаш илјадници работи да кажеш, ама сè си покажал. Еден поглед те издал, оној кој не се трга од ликот кој ти е пред очи и тогаш кога далеку од тебе сонува. Една насмевка те издала, онаа кога сам се фаќаш како се смееш гледајќи ја неа насмеана. Што ќе се тука зборови, ќе речеш. Ама, таа ќе ти рече. Ќе ти вика, за чувствата да зборувате. Ќе сака да слуша, верува таа во зборови, поет е на својата судбина. Не зборувај ништо тогаш. Молчи. За чувствата со молк врескај. Со бакнежи цртај ги, бои ги со прегратки, со стисоци на дланките, со скришни погледи отсликај ги. Портрет направи ѝ. И таа се плаши. Ама ќе те љуби. Уште повеќе и од тебе. Повеќе отколку самата себе. Таа ја има таа моќ. И тогаш кога ќе помислиш дека време е да заминеш, прегрни ја. Во чело бакни ја. Речи ѝ дека ќе ја чуваш од таму каде што ќе бидеш. Остани на прагот со саати. Кажи и дека не можеш без неа да заминеш. Во раце крени ја и речи и дека има во куферите место за делчето од твоето срце. Ќе се смее. Ќе мисли дека си шеговит. Ќе вреска. Ќе ја пуштиш. Ќе ги скриеш солзите и ќе ѝ ветиш дека ќе ја бараш. Ќе остане таа да те гледа. Додека патуваш на неа ќе мислиш. И кога ќе се вратиш ќе се излажеш дека сјајот згаснал. Ќе речеш можеби е само период, само сон, можеби сега во други прегратки спие. Ќе се плашиш уште повеќе. Ќе се плашиш од фактот дека ти си плашлив, дека те плаши помислата за некој друг. Нема да се јавиш, а телефонот под нозе ќе ти гори. Ќе речеш „Заеби.“ Ќе излезеш. Старо друштво, стара кафана. Цигари и алкохол. Димница. Темно. Лесни девојки. Шанкови. Три текили. Па уште три. Стравот уште поголем. Студи. Се тресеш. Бираш број. Добро познат. Не е нејзин. Не е на девојката која твојот повик го чека. А само неа пред очи ќе ја гледаш. Друга ќе повикаш да ја замени незаменливата. Ќе се разбудиш некаде. Ќе станеш и проклето ќе ти фали. Ќе се лутиш на сите што воздухот го делат со онаа за која животот на пола би го делел. Ќе се лутиш и на неа, и на себе. Ќе се лутиш што сте погрешни создадени за во право време. Ама, знаеш што? Таа сепак ќе те сака. Ќе го знаеш ти тоа. Ќе го сфатиш ти тоа. Ќе се вратиш со изговор, со лага ќе се сопнеш. Таа ќе знае. Ќе те познае. Тогаш, бегај од неа. Бегај бидејќи ќе премолчи. Бегај далеку бидејќи ќе ти прости.
Comments
Post a Comment